НЕДЕЛИ ИЛИ МЕСЕЦИ: Колку време му треба на Израел за да го уништи Хамас?
Eкс израелскиот премиер Ехуд Барак се плаши дека на Израел му преостануваат само две до три недели да го елиминира Хамас, бидејќи јавното мислење, што е најважно и во САД, брзо се свртува против израелските напади врз Газа.
Тој кажа дека Израел не може да ги игнорира позициите на САД, иако Вашингтон не може, да му диктира на Тел Авив што да прави. Барак рече дека ќе бидат потребни месеци или дури години да се уништи исламистичката милитантна група Хамас, што е главна воена цел поставена од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но посочи дека поддршката на Западот за Израел опаѓа поради високиот број цивилни жртви во Газа и стравувањата дека израелската воена кампања може да предизвика поширока војна во регионот.
Во интервју за Политико, Барак навести дека мултинационалните арапски сили би можеле да ја преземат контролата врз Газа по израелската воена кампања за да помогнат во враќање на Палестинската управа на Махмуд Абас во Појасот Газа.
Барак кажа дека враќањето кон дипломатијата што ќе има за цел создавање палестинска држава е „многу далечна перспектива“.
Барак, кој беше премиер на Израел меѓу 1999 и 2001 година, додаде дека реториката на американските официјални лица е сменета во последните денови и дека тие сè повеќе бараат пауза во борбите за доставување хуманитарна помош во Газа и ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.
Израел тврди дека ги уништиле тунелите, базите и седиштето на Хамас.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан потврди дека израелските сили (ИД) се во срцето на градот Газа и дека лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, е опколен во бункер.
