Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕ САМО ВО ЕВРОПА: Бегалците од Украина заминаа и на други континенти во потрага по засолниште

НЕ САМО ВО ЕВРОПА: Бегалците од Украина заминаа и на други континенти во потрага по засолниште

Бегалците од Украина се заминати во различни земји и ги има буквално на сите континенти каде бараат работа и шанса да продолжат нормално да живеат. Нивниот избор не е само Европа.

Украинци од Одеса, Днепар, Николаев, Херсон заминале во Британија, Германија, Романија, Полска, САД, Канада, а некои дури и во Аргентина, Австралија, Камбоџа каде имаат роднини или пријатели. Тие и натаму по пат на интернет бараат работа. Меѓу нив има ИТ инженери, професори, фризери, електричари, луѓе кои бараат да чуваат стари лица, да изработуваат нокти, да шијат постелнини. Некои бараат работа со 8 часа работно време, а дел се во потрага по ангажман со половина работно време. Секој се снаоѓа како знае и умее. Откако почна војната, Украинците чувствувајќи се загрозени, ги искористиле личните контакти за да заминат некаде во странство, додека состојбата во Украина не се смири.

Таниа Долзенко, Украинка која живее во САД, а сега поради работа  престојува во Аргентина, вели дека и во двете држави има бегалци од Украина. Но, таа смета дека САД нуди повеќе можности за нив.

„Овде во Аргентина секогаш е комплицирано, а во денешно време уште повеќе затоа што, за жал, една политичка фракција е со Русија (приврзаниците на потпретседателот и делумно и на самиот претседател). Има многу голема и просперитетна украинска заедница по сите миграциски бранови од различни времиња. Верувам дека поради сите овие фактори медиумите не зборуваат за тоа. Но, ве уверувам дека и Русите или потомците на Русите молчат, а нивната амбасада е опкружена со потпорни огради по маршовите што ги направивме во главниот град. Овде има многу Украинци кои пристигнале во 90-тите. Можеби нивните семејства ќе ги донесат, но не мислам дека е добра идеја тие да дојдат овде. За нив е подобро да одат во САД каде што им помага баптистичката црква и можат да најдат добра работа. Овде во Аргентина, се проруски расположени. Првото семејство на Украинци кои избегаа од војната и пристигнаа во Аргентина, тоа беше жена со 9-годишен син и баба. Тие биле контактирани од една од украинските заедници во земјата и тоа не било формално барање до владата. Пристигна и роднина на дипломат од амбасадата. Сопругот морал да остане во Украина за да ги почитува прописите кои им забрануваат на мажите на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата. Ова семејство, чии имиња се уште се чуваат во тајност, не дошло по пат на барање за бегалци, туку контактот бил преку една од украинските заедници во Аргентина. Така нашле семејство кое ќе ги вдоми во Буенос Аирес“, раскажува Долзенко.

Обединетите нации соопштија дека досега од Украина во соседните земји поминале 5. 264.767 бегалци. Најмногу транзити имало во Полска, Романија, Русија, Унгарија, Молдавија, Словачка и Белорусија. Чешка примила 300.000 бегалци. Русија на 24 февруари ја почна инвазијата на Украина.

Сања Атанасовска

foto EPA/MYKOLA TYS

Слично

Поврзани вести