Во Лондон живеат дури 77 милијардери поради што се најде на врвот на листата градови со најголем број на најбогати луѓе на светот.
Лондон, така, ги стави зад себе Њујорк (61), Сан Франциско (57) и Хонг Конг (49), покажуваат податоците од годишната листа која ја објави „Сандеј тајмс“. На листата се наоѓа и Москва со 38 милијардери, Лос Анџелес (35), Пекинг (33) и Париз (30).
Гледајќи според земјите, најголем број на милијардери имаат Соединетите Американски Држави, 378 од нив, потоа Кина -193, Британија -120, Германија -66, Индија-56, Франција -44, Русија-43, и Швајцарија -39.
Податоците објавени за Британија покажуваат дека вкупното богатство пораснало на 355 милијарди фунти (456 милијарди евра), додека во 2009 не преминувале 100 милијарди фунти. Вкупното богатство кое се најде во раце на 1000 најбогати луѓе во земјата изнесува 576 милијарди фунти, што е повеќе од четвртина од внатрешниот бруто производ на Велика Британија.
За да се најде некој на листата на 1000 најбогати во Британија, која ја предводат браќата Дејвид и Симон Рубен (со 13,1 милијарди фунти) , треба да поседува најмалку 103 милиони фунти, додекаво 2009 требало да имаат 55 милиони за да се најдат на листата.
За споредба, британската кралица Елизабета Втора, со богатство проценето на 340 милиони фунти, се наоѓа на 319 место меѓу 1000 најбогати.