Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАУЧНИЦИТЕ ЗЕМААТ КРВ ОД ЛИЛЈАЦИ ВО МЕКСИКАНСКАТА ЏУНГЛА: Истражуваат вируси и се подготвуваат за идни пандемии

НАУЧНИЦИТЕ ЗЕМААТ КРВ ОД ЛИЛЈАЦИ ВО МЕКСИКАНСКАТА ЏУНГЛА: Истражуваат вируси и се подготвуваат за идни пандемии

Откако паѓа ноќ во мексиканската џунгла Јукатан, ветеринарот Омар Гарсија зема примероци од крв од лилјаци во најсовремена лабораторија како дел од истражувањето насочено кон спречување на следната потенцијална пандемија. Целта на овој француско-мексикански проект е откривање на зоонози, болести кои се пренесуваат од животните на луѓето во тропските предели.

Меѓународната научна заедница ги истражува лилјаците буквално под лупа бидејќи се претпоставува дека тие биле потенцијален извор на пренесување на коронавирусот.

„Клучно е да се разберат последиците од контактот со животните“

Научниците од Францускиот институт за истражување во развој (IRD) и Националниот автономен универзитет во Мексико (UNAM) соработуваат на ова истражување од 2017 година, користејќи модерна лабораторија во Мерида, главниот град на државата Јукатан.

Целта на истражувањето е да се открие како различните вируси кои циркулираат меѓу животните, како што се цицачите, птиците и глодарите, потенцијално можат да се пренесат на луѓето, рече Одри Арнал, експерт за заразни болести во ИРД.

„Од клучно значење е да се разберат кои се можните последици од човечки контакт со диви животни и, следствено, да се открие каква потенцијална епидемија би можела да се случи во иднина“, рече таа за АФП.

Научниците земаат примероци од сите видови животни од богатиот екосистем на тропската прашума, каде, на пример, идентификувале 61 вид на комарци.

Област со висок ризик

Забрзаното уништување на шумите ја претвори областа избрана за студијата во зона со висок ризик за зоонози, рече Бенџамин Роше, експерт за екологија и еволутивна биологија во ИРД. Тој додава дека се проценува дека меѓу 500.000 и 800.000 вируси би можеле да влијаат на луѓето.

Истражувачите истакнуваат дека ризикот се зголемува со проширувањето на земјоделството и туризмот, што го зголемува контактот меѓу животните и луѓето.

На полуостровот Јукатан се исечени илјадници дрвја за изградба на „Железницата на Маите“, главниот проект за туристички транспорт на мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој треба да профункционира во декември.

Владата тврди дека ќе го компензира уништувањето на шумите со програма за садење дрвја и создавање на вториот по големина резерват на тропски дождовни шуми во светот по Амазон.

Истражувањето е спроведено во 12 заедници на три мексикански сојузни држави во Јукатан.

„Меѓу птиците откривме видови кои се идентификувани како резервоари на вирусот на Западен Нил или грип“, рече Роза Елена Сармиенто во виролошката лабораторија на ветеринарното училиште УНАМ.

Доверлив извор на информации

Работата на теренот започнува во зори со поставување на мрежи за фаќање птици, додека во самрак на ред се лилјаците и бувовите.

Се земаат примероци од крв, други телесни течности и ектопаразити. Научниците потоа го означуваат животното, го мерат, снимаат податоци и ја проверуваат неговата состојба пред да го пуштат назад во дивината. Последователно, материјалот се анализира во лабораторија.

„ДНК е одлична во откривањето на многу важни информации“, рече Арнал. „Од крвта на комарецот можеме да одредиме кој вид или животно каснал“, додаде таа.

Дополнително, ќе бидат земени примероци од крв од локалните жители за да се утврди дали тие носат некој вирус од животинско потекло.

„Сакаме да осмислиме стратегија за превенција од зооноза“

Проектот вклучува и консултации со локалните заедници за утврдување на нивните еколошки и социјални проблеми и поттикнување на соживот со природата.

Лабораторијата во Мерида е поврзана со лаборатории во Африка, Јужна Азија и други земји од Латинска Америка како дел од иницијативата наречена „Спречување на појава на зоонозни болести“. 22 земји и 200 организации се вклучени во иницијативата, започната од Франција во 2022 година.

ФОТО: Unsplash/Isaac Quesada

Слично

Поврзани вести