НАТО: Спласнуваат судирите на истокот во Украина
Судирите меѓу украинската војска и проруските бунтовници во источна Украина спласнуваат, оцени генералниот декретар на НАТО, Џенс Столтенберг, кој сега изразил загриженост поради разликите на локалното население.
„Воочивме дека и понатаму има персонал на руската војска на територијата на источна Украина кој би ги поддржувал терористите. Но, исто така, забележавме и намалување на судирите од неодамна. Борбите се активираат периодично, но има знаци на благо подобрување на ситуацијата“, истакнал Столтенберг во интервју за германскиот весник „Велт“.
Генералниот секретар на НАТО укажал дека хуманитарните услови во регионот и натами се „многу загрижувачки“ и дека „сепак, целокупната ситуација во Украина и понатаму е нестабилна и тешка“, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
„Ројтерс“ најавува дека денес германскиот министер за надворешни работи Франк – Валтер Штајнмаер ќе биде домаќин на своите колеги од Франција, Русија и Украина во Берлин со кои ќе разговара за напредокот на мировниот план од Минск и за проценка дали постојат доволно заедночки основи за нов самит, додека украинскиот претседател Петро Порошенко ги повика лидерите на Франција, Германија и Русија на разговори во престолнината на Казакстан, Астани, кон крајот на овој месец.
Бројот на жртви во судирите во источна Украина од април минатата година, достигна најмалку 4.808 лица. Ова го покажуваат најновите податоци од извештајот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните работи.
Во истиот извештај на Канцеларијата се додава дека повеќе од 1,2 милиони лица се раселени и протерани од своите домови, односно 633.523 се раселени во Украина, а 593.622 лица побегнале во соседните земји, јави утринава руската новинска агенција „Тасс“.
Слично
