НАТО сега има 40.000 војници на границата на Европа со Русија
Бројот на војници под команда на НАТО стационирани низ источното крило на алијансата достигна 40.000, речиси 10 пати повеќе од минатата година.
Според податоците на НАТО, имало 4.650 војници под директна команда на НАТО во февруари 2021 година или една година пред Русија да го започне нападот против Украина. Овие трупи беа стационирани во четири мултинационални борбени групи лоцирани соодветно во Естонија, Латвија, Литванија и Полска.
Потоа Русија почна да ги распоредува своите трупи и капацитети долж својата заедничка граница во Украина, забрзувајќи ги овие потези на крајот на минатата година и во јануари, тврдејќи дека тоа е одбранбен потег поради аспирацијата на Украина за НАТО и проширувањето на трансатлантската алијанса на исток од 1990-тите.
НАТО и неговите 30 членки реагираа на зголемувањето на руските трупи со зајакнување на нивните источни позиции со повеќе војници и капацитети.
Еден месец по почетокот на руската инвазија на Украина, имаше 40.000 сојузнички трупи под директна команда на НАТО, при што секоја постојна борбена група нагло беше зајакната - полската од 1.010 војници се зголеми на 10.500 - додека четири нови борбени групи беа формирани во Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија.
Понатаму, многу европски земји побараа дополнителни американски војници на нивна територија според билатералните договори, со што вкупниот број американски војници низ Европа се искачи на околу 100.000 - највисоко ниво од 2005 година.
Руската агресија, исто така, доведе до тоа европските членки на НАТО да се обврзат значително да ги зголемат трошоците за одбрана со цел да ја достигнат целта на алијансата од 2 отсто од БДП. Членките на НАТО, исто така, започнаа со „ресетирање“ на својата стратегија, ветувајќи дека ќе ги зајакнат распоредувањата и способностите на теренот, на море и во воздух, уште подалеку. Повеќе детали за оваа стратегија треба да бидат откриени на самитот во јуни.
Дополнително, две европски земји - Шведска и Финска - сега официјално побараа да се приклучат на одбранбениот сојуз, што практично ќе ја удвои должината на заедничката граница на Алијансата со Русија.
Извор: EuronewsФото: Принтскрин Euronews
