„National Geographic“ паѓа под контрола на Fox
Организацијата National Geographic Society и 21st Century Fox на Руперт Мардок го прошируваат 18-годишното партнерство, создавајќи заедничко претпријатие за 725 милиони долари, објави Wall Street Journal.
Fox и непрофитната организација National Geographic Society управуваат заедно со телевизиските канали на National Geographic. Поширокото партнерство ќе ги додаде останатите медиумски средства кон активностите на новата компанија, вклучувајќи го 127-годишното списание National Geographic, книги, дигитално присуство и учество во социјални мрежи.
Fox ќе поседува 73% удел од заедничката компанија, која ќе биде преименувана во National Geographic Partners и ќе биде предводена од Диклн Мур, кој во моментов е главен медиумски директор на National Geographic Society. Зделката најверојатно ќе биде завршена до крајот на годината.
"Немаше смисла овие две активности - содржината на телевизиските канали, а во исто време сликите, статиите и онлајн содржините да бидат поделени во две различни правни лица и тоа да продолжи на ист начин", изјави главниот извршен директор на 21st Century Fox Џејмс Мардок. "Но има многу смисла во тоа да можеме да инјектираме повеќе ресурси и повеќе инвестиции, па науката, истражувањето и образованието да одат напред".
Според новиот договор стратегијата за целокупниот бренд на National Geographic ќе биде координирана подобро меѓу сите медиумски платформи, додаде Мардок, од интегрираните можности за реклама до директен видео стриминг. Освен тоа поширокото заедничко претпријатие ќе може да се искористи од стабилната позиција на National Geographic во социјалните медиуми, бидејќи неговите следбеници во Instagram пример се повеќе од 30 милиони.
