Напаѓачот на канадскиот Парламент бил џихадист?
Напаѓачот на канадскиот Парламент, 32-годишниот Мајкл Зехаф-Бибо, кој вчера уби канадски војник и упадна во зградата на парламентот во Отава пред да биде убиен, се наоѓал на листата за набљудување на осомничени терористи и му бил одземен пасошот за да не замине да војува на Блискиот Исток.
Зехаф-Бибо, имал обвиненија и за дрога и грабежи, а планирал наскоро да замине да го проучува исламот и арапскиот јазик и да и се приклучи на Исламската држава во борбите во Сирија и Ирак.
Сепак, точниот мотив за нападот во Канада засега не е откриен. Нема официјални податоци дека овој напад на некој начин бил поврзан со активностите на Исламската држава или со воената кампања на Канада против џихадистите во Ирак и Сирија, како дел од меѓународната коалиција.
Но, ова е втор напад на канадски војници неделава - во понеделникот напаѓач наклонет кон џихадистите уби еден и повреди друг војник, пукајќи од автомобил во движење.
Семеен пријател на Зехаф-Бибо раскажал дека го сретнал во џамија пред три години и дека тогаш немал екстремистички ставови и не покажувал желба за насилство. Властите се обидуваат да утврдат што се сменило со младиот човек во изминатите години.
Канадскиот премиер Стивен Харпер порача денеска дека „Канада никогаш нема да ја заплашат“ и вети дека борбата против терористичките организации само двојно ќе се засили.
Слично
