Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАМАЛЕНАТА ИСПОРАКА НА ГАС ЈА НАТЕРА ГЕРМАНИЈА ДА ГО ВРАТИ ЈАГЛЕНОТ, се зголемува согорувањето за помала потрошувачка на синото гориво

НАМАЛЕНАТА ИСПОРАКА НА ГАС ЈА НАТЕРА ГЕРМАНИЈА ДА ГО ВРАТИ ЈАГЛЕНОТ, се зголемува согорувањето за помала потрошувачка на синото гориво

Германија мора да ја намали потрошувачката на природен гас и да го зголеми согорувањето на јаглен, со цел да се овозможи пополнување на капацитетите за складирање гас за следната зима, објави германскиот министер за економија Роберт Хабек, укажувајќи дека ова се должи на намалените испораки на руски гас.

- Ситуацијата е сериозна. Продолжуваме да ги зајакнуваме мерките на претпазливост и преземаме дополнителни мерки за намалување на потрошувачката на гас - се вели во соопштението на Хабек, пренесува Си-Ен-Ен.

Германија во голема мера се потпира на гасот од Русија како за затоплување на домовите, така и за индустријата, но успеа да го намали уделот во нејзиниот увоз на 35 отсто од 55 проценти пред почетокот на војната во Украина.

Хабек рече дека безбедноста на снабдувањето во моментов е загарантирана и покрај „влошената ситуација на пазарот на гас“ во последните денови. Зголемените цени беа „стратегијата на Путин (рускиот претседател Владимир) да не вознемири, да ги зголеми цените и да не подели“, рече Хабек.

- Нема да го дозволиме тоа. Ние возвраќаме одлучно, прецизно и смислено -  потенцирал тој.

Како што пишува Си-Ен-Ен, и покрај плановите на Германија да излезе од производството на енергија на јаглен, Хабек, кој е политичар од Зелената партија во владејачката коалиција на левиот центар, најави враќање на „електраните на јаглен за преоден период“ со цел да се намали потрошувачката на гас за производство на електрична енергија.

Министерството на Хабек подготвува „модел на аукција на гас што треба да биде лансиран ова лето за да ги поттикне индустриските потрошувачи на гас да штедат гас“, се вели во соопштението за печатот.

- Индустријата беше клучен фактор за намалување на потрошувачката на гас - рече Хабек.

Во март, германските пратеници донесоа акт за складирање на гас со кој се предвидува складиштата за гас да бидат речиси целосно полни на почетокот на грејниот период за безбедно да се помине зимата. За таа цел се прецизирани нивоата на полнење: до 1 октомври складиштата мора да бидат исполнети 80 отсто, до 1 ноември 90 проценти, а на 1 февруари уште 40 отсто, стои во законот.

Во моментов со околу 56 отсто, резервоарите за складирање гас се полни на натпросечно ниво во Германија во споредба со претходните години и покрај тоа што нивоата на складирање беа на најниско ниво на сите времиња на почетокот на годината.

- Мораме и ќе направиме сè што можеме за да складираме што е можно повеќе гас во лето и на есен. Магацините за гас мора да бидат полни кон зимата. Тоа е главен приоритет - рече Хабек.

Во март, Путин се закани дека ќе ја намали испораката на гас до „непријателските“ земји кои одбија да платат во рубљи, наместо во евра или долари наведени во договорите.

Одредени компании одбија да плаќаат на новиот начин, поради што испораката беше стопирана, а изминатите недели се намалија и испораките кон земји кои го плаќаат гасот во рубљи. 

Како одговор на потегот на Газпром, Хабек рече дека оправдувањето за најавата за дополнителни кратења на снабдувањето со гас во Европа е „изговор“ и стратегија за зголемување на цените.

Слично

Поврзани вести