НАЈГОЛЕМИОТ РУДНИК ЗА ЦИНК ВО ЕВРОПА СЕ ЗАТВОРА: Кризата чука на врата, речиси 650 работници без работа
Шведската рударска компанија „Болиден“ најави дека ќе го прекине производството во рудникот за цинк во Ирска поради финансиски проблеми предизвикани од падот на цената на металот и високите трошоци.
Компанијата најави прекин на работата во рудникот „Тара“ без да прецизира кога би можело да продолжи екстракцијата на цинкот.
- Активно работиме на продолжување на работниот век на рудникот со зачувување на неговата конкурентност. Паричниот тек во моментов е негативен поради комбинација на фактори меѓу кои деловни предизвици, пад на цената на цинкот, високите цени на енергијата и општото зголемување на трошоците - соопшти компанијата и најави дека привремено ќе отпушта работници до подобрување на состојбата на пазарот.
Генералниот директор на рудникот, Гунар Нистром, наведува дека компанијата е свесна за влијанието на одлуката за затворање на рудникот врз вработените во областа Наван.
- Во долгорочен интерес на рудникот донесовме одлука за привремено прекинување на работата, за жал, тоа значи дека до 650 вработени ќе бидат привремено отпуштени. Целосно сме свесни за тешкотиите и промените што ќе ги донесе одлуката за нашите вработени, но и за пошироката заедница во Наван, каде што рудникот работи од 1977 година. Не ја сфативме одлуката лесно, туку едноставно мораме да го запреме сегашниот тренд на неодржлив одлив на готовина за да ја заштитиме долгорочната иднина на рудникот. Не сме сигурни колку ќе трае овој период, но веруваме дека ситуацијата е привремена - вели Нистром.
Рудникот „Тара“ има околу 650 вработени и е најголемиот рудник за цинк во Европа и осми во светот. Таа произведува 200.000 тони концентрат на цинк и 40.000 тони концентрат на олово.
Цинкот се користи комерцијално за третирање на железо и челик за заштита од корозија.
