НАЈГОЛЕМ ЛОКАДАУН ВО КИНА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА: Шангај е затворен
Кина го воведе најголемиот карантин на територијата на еден град од почетокот на пандемијата на корона вирусот пред повеќе од две години. Шангај девет дена ќе биде затворен во две фази, а властите во исто време ќе ги тестираат граѓаните.
Градот, важен финансиски центар, речиси еден месец се бори со новиот бран на коронавирус, иако бројот на случаи не е голем според некои меѓународни стандарди.
Властите досега се спротивставуваа на затворањето на овој град кој има околу 25 милиони жители, а главна причина за тоа беше обидот да се избегне дестабилизација на економијата.
Но, откако во Шангај на 27 март беше забележан најголем дневен број на заразени од првите денови на пандемијата, властите одлучија да воведат карантин.
Заклучувањето ќе се одвива во две фази - источната страна на градот ќе биде затворена од 28 март до 1 април, а западната од 1 до 5 април.
Јавниот превоз е суспендиран, а компаниите и фабриките мора да престанат да работат или да работат од дома, соопштија властите.
Градската влада објави инструкции на сметката WeChat, барајќи од жителите „да ги поддржат, разберат и да соработуваат во напорите на градот за спречување и контрола на епидемијата“.
Претходно, цели провинции во Кина беа ставени во карантин, иако луѓето честопати можеа да патуваат во тие области.
Шангај е еден од градовите со најголема густина на населението. Тој е трговскиот главен град на Кина и, според некои проценки, најголемиот град во земјата.
Постепеното спроведување на заклучувањето значи дека половина од градот ќе продолжи да функционира во исто време.
Милиони луѓе во другите кинески градови го имале истото искуство, често по релативно мал број случаи на коронавирус.
