НАГРАДАТА ЗА НЕГОВАТА ГЛАВА Е 4.000.000 ДОЛАРИ: Зошто на Ружди му се заканувале со смрт?
Британскиот
писател Салман Ружди, кој беше избоден со нож во вратот и стомакот од напаѓач за
време на предавање во американската држава Њујорк, со децении се соочува со
смртни закани. Сè започна во 1988 година кога го објави романот
„Сатански стихови“ кога беше обвинет за богохулење поради навредливи описи на
Мухамед, по што иранскиот верски водач Рухолах Хомеини издаде фатва (смртна
казна) и вети награда од четири милиони долари за неговите убијци.
Сер Ахмед Салман Ружди е роден на 19 јуни 1947 година во Бомбај, Индија. Неговиот карактеристичен книжевен стил критичарите често го нарекуваат магичен реализам. Врските, поделбите и миграциите меѓу Истокот и Западот ја претставуваат доминантната тема на неговата работа. И поради неговите книжевни достигнувања и поради бројните контроверзии и скандали кои го следат, тој претставува еден од најзначајните писатели на 20 век.
Роден е во муслиманско семејство од средна класа во Бомбај (сега Мумбај). Како единствен син на истакнат бизнисмен и учител, тој се школувал прво во Бомбај, а потоа во Англија на Кралскиот колеџ во Кембриџ, каде што дипломирал на отсекот историја во 1968 година.
За време на војната меѓу Индија и Пакистан, неговото семејство се преселува во Пакистан. По завршувањето на студиите, извесен период работел во телевизијата во Пакистан, а потоа заминал во Лондон, каде што се занимавал со глума и маркетинг и во исто време го објавил својот прв роман „Гримус“ (1975), кој останал прилично незабележан од читателската јавност и критичарите. Сепак, „Децата на полноќта“ (1981), алегориска приказна за раѓањето на модерната индиска нација, му донесе светска популарност и Букеровата награда за најдобар фантастичен роман таа година.
Третиот роман на Ружди, „Срам“ (1983), бајка за историјата на едно пакистанско семејство, е моќна критика на политичките превирања во Пакистан во тоа време. Во 1988 година го објави својот четврти роман „Сатански стихови“, кој предизвика силен бран протести и демонстрации во муслиманскиот свет поради, според нив, навредливиот опис на пророкот Мухамед, кој беше претставен како обичен човек од крв и месо. Меѓу другото, тој беше критикуван и поради тоа што двете проститутки во книгата ги добија имињата на жените на пророкот Мухамед. Насловот се однесува на два стиха кои Мухамед ги отстранил од Куранот затоа што верувал дека се инспирирани од ѓаволот.
Неговата состојба сега е критична. Има тешки повреди во пределот на вратот и стомакот, а најверојатно ќе го изгуби и окото. Ставен е на респираторен апарат.
ФОТО: EPA/HAYOUNG JEON