Нафтата поскапува заради студот во САД
Се зголеми цената на нафтата на лондонската берза над 107 долари за барел. За растот придонесе новиот прекин на снабдувањето од Либија, но и ниските температури во САД.
На лондонската берза цената на барел сурова нафта денеска порасна за 95 центи во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 107,2 долари. На американската берза со барелот се тргуваше по 1,04 долари повисока цена, од 98,42 долари.
Повторната блокада на пристаништата на истокот на Либија го намалија извозот од оваа земја за 600 илјади барели дневно. Ниските температури во САД, пак, ја кренаа побарувачката за масло за домаќинство, а со тоа и цената на нафтата на американската берза.
Залихите на деривати во САД, вклучително и на маслото за домаќинство, опаднаа изминатата недела за дури 2,4 милиони барели, а залихите на горива на источното крајбрежје се на најниско ниво од април 2003 година.
Цената на нафтата на светските берзи се зема како еден од основните критериуми за определување на цената на нафтените деривати и кај нас.
Слично
