Над милион луѓе може да го напуштат Мосул
OOН е исклучително загрижена за безбедноста на населението на Мосул по отпочнувањето на офанзивата на ирачката армија за ослободување на градот од џихадисти на „Исламската држава".
Ова го изјави Стивен О'Брајан, заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања и итната помош, пренесе Франс прес.
„Семејствата се изложени на огромна опасност да паднат помеѓу два огна или да станат цели на снајперисти, како и да се користат како живи штитови" - истакна тој.
ОН е подготвена да обезбеди азил на 60.000 лица во кампови и објекти за привремено сместување. Во тек е изградбата на нови кампови проектирани за 250.000 лица. Подготвени за распределба се прехранбени производи за 220.000 семејства, соопшти О'Брајан. Во пунктовите за помош освен тоа се подготвени 240 тони лекови.
Заменик-генералниот секретар на ОН се пожали од недостаток на финансирање од меѓународни донатори.
Мосул беше заземен од ИД во јуни 2014 година. Таму во моментот се наоѓаат околу 1,3 милиони луѓе.