Над 46.000 кинески милионери си бараат дом!
Голем број кинески милионери, од кои дел своето богатство го стекнале во сивата економија, во последните неколку години бараат начин своето богатство и семејствата да ги префрлат на Запад.
Дури 46.000 кинески богаташи се пријавиле на „Програмата за имигранти-инвеститори“ во Канада, така што заради преголем интерес оваа програма мораше да биде стопирана.
Како што пишува „Саут Чајна морнинг пост“, одлуката на канадскиот министер за финансии Џим Флаерти практично го стопираше издавањето на 59.000 доселенички визи, од кои дури 70% требаше да им припаднат на државјани на Кина.
Сите тие, според правилата на програмата, располагаат со богатство од 1,5 милиони долари, а се согласиле на канадските власти во замена за визата да им дадат петгодишен кредит од 750.000 долари. Таа виза подоцна би можела да ги доведе до државјанство.
Канада ја стопираше програмата со објаснување дека со неа се поткопува вредноста на правото на живот во Канада, како и дека нема доволно докази оти имигрантите-инвеститори навистина и донеле економски бенефит на земјата.
Дури 3/5 од Кинезите кои имаат повеќе од 1,6 милиони долари се пријавиле на програмата со надеж дека ќе добијат виза. Најголем дел од нив богатството го стекнале преку пазарот за недвижности, инвестиции, но и со трговија на црниот пазар или со корупција.
Канада не е единствената која ги отвори вратите за нивниот капитал - САД минатата година издаде 6.900 визи за државјани на кина преку програмата ЕБ5, во која услов за виза е инвестиција од 500.000 долари во бизниси кои ќе отворат работни места. Австралиската програма „Виза за важни инвеститори“ привлече 595 пријави, од кои речиси 500 се од Кина. Од инвеститорите се бараат вложувања од 4,5 милиони долари и чисто досие. Слични понуди за богатите Кинези нудат и Велика Британија, Португалија и Кипар.
Слично
