Над 12 илјади имигранти влегле во Австрија за 36 часа
Вкупно 12 220 лица влегле во Источна Австрија во последните 36 часа, додека приливот на мигранти од Балканот кон Северна Европа продолжува, најавија од австриската полиција, цитирани од „Франс прес“.
Само во неделата 8 540 лица влегле во земјата преку контролниот премин Никелсдорф кој е на границата со Унгарија. Други 3 680 луѓе во периодот вчера вечерта до утрово успеале да влезат во Австрија, додаваат од силите на редот.
Бројот на новодојденците е повисок во споредба со последните денови, бидејќи минатата недела во просек по 5 500 лица влегувале во земјата. Повеќето од нив потоа се насочуваат кон Германија.
Портпаролот на полицијата Гералд Колер изјавил за „Франс прес“ дека зголемувањето е во врска со неодамна зголемениот број на мигранти кои дошле во Македонија од Грција и потоа преку Србија, Хрватска и Унгарија.
Тоа не е рекорд. Имаше денови во последниот месец, кога секојдневно нивниот број изнесуваше 12 или 14 илјади, додал портпаролот.
Унгарската полиција соопшти дека 7 879 мигранти влегле во земјата во неделата и 7 907 во саботата - многу повеќе во споредба со претходните денови.
