Економија, финансии, бизнис

Контакт

На „Wallstreet“ индексот Nasdaq благо порасна, а S&P 500 забележа пад

На „Wallstreet“ индексот Nasdaq благо порасна, а S&P 500 забележа пад

На „Wallstreet“ вчера индексот S&P 500 забележа пад втор ден по ред поради послабите од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите, додека индексот Nasdaq благо порасна благодарејќи на силниот скок на цената на акцијата на Apple.

 Така на тргувањето во средата во Њујорк, индексот Dow Jones ослаби за 0,16 отсто, на 15.542 поени, индексот S&P 500 падна за 0,38, на 1.685 поени, додека, пак, индексот Nasdaq зајакна за 0,01 процент, на 3,579 индексни поени.

Залетот на индексот Nasdaq дојде благодарејќи на скокот на цената на акцијата на американскиот технолошки гигант Apple за повеќе од 5 отсто, бидејќи компанијата ден претходно извести за подобри од очекуваните деловни резултати во второто тримесечје од 2013 година.

Забележливо е дека индексот S&P 500 втор ден по ред паѓа, откако во понеделникот достигна ново рекордно ниво. Тоа е последица на падот на цените на акциите во 9 од 10-те сектори што го сочинуваат овој индекс. Притоа, најмногу, и тоа за 1,6 отсто, падна секторот на услугите, а следеше енергетскиот сектор со загуба од 1 процент.

Бидејќи во текот на вчерашниот ден немаше позначајни макроекономски извештаи од светот, цените на акциите беа насочени од деловните квартални извештаи на компаниите.

Така, разочараа резултатите на „Caterpillar", па цената на акцијата на најголемиот светски производител на тешка машинерија падна за 2,4 отсто, додека акцијата на телекомуникацискиот гигант AT&T од истата причина падна за 1,2 отсто.

Падна за 0,8 отсто и цената на акцијата на „Boeing", меѓутоа дури откако го достигна рекордното ниво, благодарејќи на подобрите резултати отколку што беа проценувани.

Меѓу најголемите добитници, со скок на цената од повеќе од 20 отсто, беше акцијата на „Facebook", откако оваа социјална мрежа извести за раст на приходите во вториот годинешен квартал за повеќе од 50 отсто во однос на истиот период во минатата 2012 година.

Од 169-те компании коишто влегуваат во составот на индексот S&P 500, коишто досега ги објавија своите деловни резултати за периодот од април до јуни, 65,7 отсто од нив ги натфрлиле очекувањата на аналитичарите кога станува збор за заработките, а 53,3 отсто и во доменот на приходите. Меѓутоа, иако резултатите на повеќето компании ги надминаа процените на економските експерти, цените на акциите не успеваат позначително да порастат поради тоа што очекувањата се многу ниски.

Во анкетата на „Reuters“, се очекува дека компаниите од составот на индексот S&P 6500 во вториот квартал ќе остварат добивка за 2,9 отсто повеќе во однос на истиот минатогодишен период, додека приходите би можеле да се зголемат за 1,1 отсто.

„Инвеститорите се претпазливи. Солидните резултати на компаниите ни дадоа поттик за купување кон половината од месецот, но ќе биде тешко да се одржи залетот. Мислам дека поттикот од деловните извештаи веќе е искористен", вели за Thomson Reuters Питер Јанковскис, директор во компанијата „OakBrook Investments".

Слично

Поврзани вести