НА УДАР МИЛИОНИ ЛУЃЕ: Погледнете како ледената бура беснее во Америка ВИДЕО
Голем дел од Соединетите Американски Држави, од Тексас на југ до Западна Вирџинија на истокот на земјата, беше погоден од ледена бура, како резултат на која загинаа најмалку две лица, откажани се бројни летови, додека илјадници домови останаа без струја.
Повеќе од 50 милиони Американци беа на некој начин погодени од ледената бура, бидејќи студениот фронт, кој најпрво го зафати Тексас, се прошири на истокот на земјата, пренесоа американските медиуми.
Националната метеоролошка служба објави дека „продолжена и значајна ледена бура ќе зафати широка област од јужните рамнини до долината Тенеси, носејќи зимски врнежи, заедно со налет на лапавица и замрзнат дожд, што може драстично да ги влоши условите на патиштата“.
Во Тексас, најмалку две лица загинаа поради зимски услови, едно во судар со верижна реакција во Остин и друго кога возило излета од патот и удри во заштитна ограда во Далас. Двајца полицајци се повредени кога на нив удриле автомобили на лизгав коловоз.
Според полицијата на округот Тревис, во кој е вклучен и главниот град на Тексас, Остин, несреќи се пријавувале на секои три минути.
Повеќе од 1.900 летови од американските аеродроми се откажани, додека 4.600 се одложени, јавуваат американските медиуми.
Така њујоршкиот аеродром „Лагардија“ беше затворен еден час поради ледената бура, а слично беше и на аеродромите во Шарлот, Далас, Луисвил...
Националната метеоролошка служба го издаде своето прво предупредување за ледена бура за Северен и Западен Тексас, кои беа најтешко погодени од замрзнатиот дожд. Во таа држава, повеќе од 30.000 потрошувачи останаа без струја поради, како што објасни гувернерот Грег Абот, паднати дрвја и замрзнати далноводи.
Предупредувањето подоцна беше проширено и во Арканзас, Мисисипи, Тенеси, Висконсин, Минесота, Колорадо, Ајова, Канзас, Монтана, Небраска... Температурите до минус 35 степени Целзиусови се забележани или се очекуваат.
