На секои 4 минути умира човек: Трет ден црн рекорд во Индија, крематориумите веќе не примаат тела
Во Индија, потврдени се 346.786 нови случаи на коронавирус во изминатите 24 часа, што е нов црн рекорд.
Индија бележи светски рекорд во бројот на новоинфицирани веќе трет ден, додека преполните болници низ целата земја бараат помош со кислород. Индија го надмина рекордот на САД од 297.430 случаи со коронавирус за еден ден во четвртокот и стана глобален епицентар на пандемијата.
Владата ангажираше воени авиони и возови за да доставуваат кислород од другите делови на земјата до Њи Делхи, а локалните медиуми јавуваат за нови смртни случаи поради недостаток на кислород.
Во изминатите 24 часа, 2.624 лица починаа од коронавирус, што е највисоко од почетокот на пандемијата. Крематориумите во Њу Делхи соопштија дека се полни и побараа од семејствата на жртвите да почекаат.
Индија, која има околу 1,3 милијарди жители, досега има регистрирано вкупно 16,6 милиони случаи на коронавирус, а починале 189.544 лица. Само САД имаат повеќе потврдени случаи на инфекција.
Некои здравствени експерти сметаат дека зголемувањето на бројот на новозаболени лица се должи на укинувањето на ограничувањата и дозволувањето на големи собири, додека други сметаат дека причина за големиот број новозаразени може да биде индиската варијанта на вирусот, што е изолирана во таа густо населена земја.
