На Путин му посочиле дека прави грешки во Украина
Според Вашингтон пост, човек од кругот на рускиот претседател Владимир Путин му приговорил дека прави грешки во Украина.
Весникот се повикува на податоци добиени од американското разузнавање. Според еден од изворите на весникот, приговорите изразени до Путин се однесуваат на неефикасното управување со војната и грешките направени од военото раководство. Оваа информација, пишува весникот, се сметала за доволно важна за да се информираат за тоа американскиот претседател Џо Бајден и другите претставници на неговата администрација.
Сепак, предупредуваат разузнавачите, нема знаци дека рускиот претседател е во опасност да биде сменет од функцијата.
Прес-секретарот на претседателот на Руската Федерација Дмитриј Песков, во коментар за весникот, рече дека информациите на американските разузнавачи за лице од неговиот близок круг што „директно го предизвика“ Путин „апсолутно не соодветствуваат со реалноста“.
Во исто време, тој призна дека има несогласувања и дебати меѓу руските политички елити, особено за важни одлуки како што е неодамна објавената мобилизација.