НА ПАТ КОН ДИКТАТУРА: Украина ја забрани комунистичката партија
Комунистичката партија во Украина е забранета со одлука на судот, откако беше обвинета дека го поддржува прорускиот сепаратизам на истокот на земјата.
„Судот го усвои барањето за забрана за активност на Комунистичката партија во Украина” – се наведува во соопштението на управниот суд во Киев.
Со оваа одлука на судот, партијата не смее веќе да учествува на избори. Од Комунистичката партија пак, најавија дека ваквата одлука ќе ја обжалат.
„Тоа е нелегално. Ние ќе се бориме и ќе поднесеме жалба до Европскиот суд за човекови права” – реагира Петро Симонеко, лидерот на украинската Комунистичка партија.
Невладината организација за заштита на човековите права, Амнести интернешнл остро ја критикуваше оваа одлука на судот, опишувајќи ја како „кршење на слободата на изразување и здружување”
„Со овој потег Украина оди само назад, а не напред на патот кон реформи и зголемено почитување на човековите права.” – се вели во нивното соопштение.
Инаку, украинскиот претседател Петро Порошенко во мај, донесе нови закони со кои се забрануваат секакви комунистички и нацистички пропаганди во земјата, вклучувајќи и истакнување на советски симболи. Целта на законите е засекогаш да „се раскине” со советското минато на Украина, во момент кога властите се борат со проруските сепаратисти на истокот од земјата.
