НА ЧЕКОР ДО ОСТВАРУВАЊЕ НА ГЛАВНАТА ЦЕЛ - Русите напредуваат во Северодонецк
Руската операција во северниот дел на Доњецк во источна Украина напредува, руската армија ги консолидира своите позиции, додека украинските сили напредуваа на југот на земјата, јавуваат „Блиц.рс“ повикуваќи се на извори од светските агенции. Се нагласува оти најавите на Западот за дополнителна воена помош за Киев предизвикале дополнителни закани од Кремљ. Победата во Северодонецк е клучна за Русија, бидејќи падот на привремената престолнина Луганск ќе ѝ даде на Москва контрола врз целиот регион Донбас.
Според зборовите на регионалниот гувернер на Луганск, Серхи Гајдаи, во Северодонецк има уште околу 15.000 луѓе. Руските сили „делумно успеале“ во битката за Северодонецк, објави во средата украинскиот Генералштаб, признавајќи дека Русија сега го контролира источниот дел од градот, но истакна дека жестоките борби продолжуваат и на други места.
Проруските сепаратисти во областа велат дека веќе презеле контрола над 70 отсто од градот, а Андреј Мароко, претставник на самопрогласената Народна Република Луганск, најави дека целиот град наскоро ќе биде окупиран.
Мароко објави дека поголемиот дел од украинската војска го напуштила градот, а Русија планира да организира доставување хуманитарна помош за жителите поради катастрофалната ситуација во градот. Донбас со години е во центарот на руско-украинскиот спор, а проруските сепаратисти контролираат големи делови од регионите Луганск и Доњецк од 2014 година.
Украинската армија во средата објави дека успешно окупирала околу 20 села во јужниот регион Керсон. Контра-напади се започнати од градот Днипро, соопшти украинската армија, додавајќи дека украинските сили продолжуваат да напредуваат кон југ.
Во другите делови на земјата, транспортната инфраструктура во западна Украина, наводно, била цел на повеќе руски ракетни напади во средата навечер, изјави за Телеграм шефот на регионалната воена администрација на Лавов, Максим Козицки.
- Сметаме дека САД намерно и вредно го палат огнот... САД се борат против последниот Украинец - изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, по најавата на САД и Германија за испраќање клучно оружје во Украина.
Песков рече дека Русија не верува во уверувањата на САД и Украина дека новиот ракетен систем со долг дострел оди во Украина исклучиво за одбранбени цели, додавајќи дека руската армија го гледа како директна закана и дека ќе преземе соодветни мерки.
Фото: EPA/ STR
