На Блискиот Исток постои ресурс поважен од нафтата: Напад врз него би имал катастрофални последици
Додека конфликтот со Иран се заострува, експертите предупредуваат дека на Блискиот Исток постои ресурс кој за секојдневниот живот може да биде дури и поважен од нафтата и гасот – водата.
Во земјите од Персискиот Залив, каде што природните извори на слатка вода се многу ограничени, милиони луѓе зависат од десалинизацијата – процес со кој морската вода се претвора во вода за пиење.
Жителката на Обединетите Арапски Емирати, Софија, вели дека во последно време често размислува за сценарио во кое славините би можеле да пресушат.
Нафтата и гасот ја движат економијата, но водата е основата на нашиот опстанок – вели таа, додавајќи дека во услови на војна токму овој ресурс би можел да стане нова мета.
Регион кој зависи од десалинизација
Сушните земји од Заливот речиси целосно се потпираат на десалинизација за снабдување со вода за пиење. Благодарение на оваа технологија, во пустинските држави денес постојат градови со модерна инфраструктура, паркови, водени паркови и голф-терени.
Во регионот функционираат стотици постројки за десалинизација, кои обезбедуваат вода за околу 100 милиони луѓе.
Некои држави, како Кувајт, Оман и Бахреин, речиси целосно зависат од овој систем, додека во Саудиска Арабија околу 70 проценти од водата доаѓа од десалинизација.
Ризик од напади врз водната инфраструктура
Во последните недели се појавија извештаи за оштетувања на вакви постројки во регионот. Бахреин соопшти дека ирански дрон оштетил една постројка за десалинизација, иако снабдувањето со вода не било прекинато.
Од друга страна, Иран обвини дека САД нападнале постројка на островот Кешм, оставајќи околу 30 села без вода, што Вашингтон го негира.
Експертите предупредуваат дека намерни напади врз вакви објекти би биле сериозно кршење на меѓународното право.
Ако нападите врз постројките за десалинизација станат воена стратегија, тоа би било воено злосторство – предупредува истражувачот Лоран Ламбер од Институтот за постдипломски студии во Доха.
„Кралства на солената вода“
Поради огромната зависност од оваа технологија, аналитичарите земјите од Заливот ги нарекуваат „кралства на солената вода“ – држави кои произведуваат вода за пиење од морето со помош на енергија добиена од фосилни горива.
Големите градови како Дубаи, Абу Даби, Доха, Кувајт и Џеда речиси целосно зависат од ваквите постројки.
Опасност од сериозна криза
Експертите предупредуваат дека уништувањето на ваквата инфраструктура може да има егзистенцијални последици за населението.
Економијата, но и краткорочниот опстанок на милиони луѓе зависи од безбедноста на овие постројки – вели економистот Надер Хабиби од Универзитетот Брандајс.
Дури и без директен напад, постои ризик од индиректни оштетувања, бидејќи многу постројки се наоѓаат во близина на електрани и пристаништа.
Според експертите, координиран напад врз постројките за десалинизација би претставувал преминување на „црвена линија“ и би можел да предизвика хуманитарна и економска криза во целиот регион.
