Мутацијата на корона вирусот е наречена VUI-2020/01, СЗО сè уште нема докази дали ќе доведе до зголемена смртност
Силви Брајан, една од директорките во Светската здравствена
организација (СЗО), за француската телевизија БФМ изјави дека сè уште нема
докази дека новата мутација на корона вирусот, која научниците ја нарекоа VUI-2020/01,
би довела до зголемување на смртноста.
Според неа, мутирањето на вирусот воопшто не е изненадување, зошто тие често се менуваат, но СЗО ќе прави дополнителни истражувања за тоа како новата мутација ќе влијае врз човековиот организам.
-Со цел да утврдиме дали мутацијата ќе има влијание врз здравјето на луѓето ќе мора да направиме дополнителни истражувања во лабораторијата. Во овој момент не гледаме промена во стапката на смртност, изјави Брајан и нагласи дека ќе се спроведат и нови истражувања за ефикасноста на вакцината против VUI-2020/01.
Брајан смета дека мерките кои се на сила во Велика Британија ќе успеат да го запрат ширењето на новата мутација. Инаку, VUI-2020/01 пред неколку дена е откриен на југоистокот на Англија, а според експертите е многу позаразен, има дури 70 проценти преносливост, но засега не е утврдено дали има поголема смртност. Во меѓувреме, повеќе европски земји, како и Канада го запреа воздушниот сообраќај со Велика Британија со цел да се спречи ширењето на мутираниот вирус.
VUI-2020/01 е мутација на SARS-CoV-2, вирус што ја предизвикува болеста Ковид-19 и првпат беше откриен во Велика Британија во октомври 2020 година од примерок земен во текот на септември.
