Муслиманските бегалци се голем предизвик за Германија
Бројот на муслимани кои се зголемуваат во Германија, како резултат на последниот бегалска бран, е „предизвик за поголемиот дел од општеството“, вели германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во својот напис објавен денеска во неделното издание на весникот „Велт“ и цитиран од ДПА.
Поради оваа причина, според изданието, Германците треба да имаат јасна претстава за тоа што е важно за нив и како сакаат да живеат. „Само тогаш ние и другите ќе бидеме свесни што сакаме да постигнеме. И тоа „нас“ треба да опфаќа што e можно повеќе луѓе, без разлика од каде доаѓаат и каква е нивната вера, наведува Шојбле.
Тој пишува уште дека би сакал да види појава на вид германски ислам кој ќе го одразува разбирањето на муслиманите што живеат во Германија, заснован на германскиот либерален и толерантен систем.
Во 2015 година, 890 илјади бегалци пристигнаа во Германија, од кои повеќето муслимани. Во Германија имаше муслиманско население уште од пред тоа, резултат од доаѓањето на турски гастарбајтери во 60-тите години, забележуваат агенциите.
Политиката на Ангела Меркел помага за тоа ЕУ да ги привлекува мигрантите, изјави во интервју австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, пренесе ТАСС.
Тој го критикуваше неодамнешниот предлог на германскиот канцелар на Германија да прифаќа „по неколку стотици бегалци на месец“ кои се наоѓаат во Италија и Грција.
„Таквата политика е погрешна“, изјави тој во објавеното денеска интервју за неделното издание на „Велт“. Курц посочи дека целта на предлогот на Меркел очигледно е да се намали притисокот врз Италија и Грција, но дека на крајот така се постигнува токму спротивен ефект - уште поголем миграциски прилив кон овие земји. Слични дејствија, вели тој, „го унапредуваат бизнисот на посредници и предизвикуваат нови бегалски текови“.
Курц исто така, посочи дека дебатата за цврсто утврдени квоти за прием на бегалци се заканува на единството на ЕУ. Таквата дистрибуција не може да функционира, бидејќи многу од земјите членки на Унијата не се подготвени да прифатат голем број мигранти, рече тој.
„Друга причина е тоа што многу од бегалците одбиваат да заминат за определената земја од страна на ЕУ“, истакна Курц.
