Економија, финансии, бизнис

Контакт

Му ја одземаа власта на Морси, во Египет ќе биде избран привремен лидер

Му ја одземаа власта на Морси, во Египет ќе биде избран привремен лидер

Адли Менсур, Шефот на уставниот суд во Египет денеска ќе положи заклетва како вршител на должноста претседател на Египет по синоќешното отстранување од власта на исламистичкиот претседател Мухамед Морси од страна на армијата. Ова го објави генерал Абдул Фатах ал-Сиси во телевизискиот говор синоќа.

Египетската армија го суспендираше Уставот и ги објави чекорите што треба да доведат до нови претседателски избори.Со тоа завршува претседателствувањето на Мохамед Морси, по неколкудневните протести на кои милиони Египќани ѝ се спротивставија на исламистичката влада на земјата.

Светските агенции јавуваат дека има загинати во судирите што избиле меѓу демонстрантите и подржувачите на Морси. Припадниците на војската влегле и во телевизијата Ал Џезеира и ги уапсиле вработените – а во прекин се телевизиските програми на ,,Муслиманското братство,, – партијата на Морси. Повеќе од 1 милион луѓе што протестираа против власта на Морси на централниот каирски плоштад Тахрир, ја поздравија одлуката на генералот со овации.

Во низа судири на спротивставените групи во изминатите три дена загинаа десетици луѓе. Ситуацијата сè уште е напната зашто демонстрантите не се повлекле во домовите – едните ја слават „победата“, а другите не сакаат да го признаат „поразот“. Војската го засили своето присуство пред виталните објекти.

Сè уште нема ни детали кои лица ќе ги преземат главните функции но се претпоставува дека одговорноста ќе ја преземат двајцата што дадоа изјави веднаш по генералот Ал-Сиси – опозицискиот лидер, нобеловецот Мохамед Елбарадеи, како и коптскиот папа Тавардос Втори. Елбарадеи изјави дека ќе биде изготвен план за национално помирување, како круна на револуцијата што почна во јануари 2011 година, кога со слични масовни демонстрации беше соборен режимот на Хосни Мубарак.

Откако беше избран за претседател на 1 јуни минатата година, Морси подготви нов Устав на Египет, наспроти критиките и бојкотот од водачите на либералните, левичарските и малцинските групи. Потоа усвои одредба со која си даде повисока моќ од судот „за да го заштити новиот Устав од судовите“. Својата моќ во изминатата година ја штитеше со приведување на новинари и политичари, со што  предизвика голема критика.

Слично

Поврзани вести