Може ли Украина „за влакно“ да избегне граѓанска војна?
Украинската специјална полиција, која од утрово беше распоредена пред Парламентот, со автобуси ја напушта позицијата. Ова е последниот развој на настаните откако украинскиот претседател Виктор Јанукович најави дека има намера да покрене постапка за формирање влада на национално единство, да го врати Уставот од 2004 година со намалени претседателски овластувања и да распише вонредни претседателски избори во земјата најдоцна до декември.
Овие чекори се дел од предлог-договорот за мир, кој треба да го врати редот на улиците на Украина за 48 часа.Предлогот предвидува да се спроведе истрага за насилството во земјата во изминатите денови, а во истрагата ќе учествуваат двете страни. Во меѓувреме и власта и опозицијата треба да се воздржат од употреба на сила.
Опозицискиот лидер Виталлиј Кличко изјави дека ваквиот документ начелно е прифатлив, но за деталите се уште треба да се разговара. Воздржан е и полскиот премиер Доналд Туск, кој активно беше вклучен во дипломатските напори за да се избегне катастрофа во соседната земја. „Не можеме да бидеме 100% сигурни дека најлошото сценарио - граѓанска војна, дефинитивно е избегнато“, изјави Туск.
Во жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата во Киев најмалку 77 лица го загубија животот, а стотици беа повредени.
