Економија, финансии, бизнис

Контакт

Може ли Шкотска навистина да го запре Брегзит?

Може ли Шкотска навистина да го запре Брегзит?

Вадејќи ја Британија од еден сојуз, една од најважните задачи пред Тереза ​​Меј ќе биде да се осигура дека без да сака нема да доведе и до распадот на друг, коментира Financial Times.

Гласањето од минатиот месец ги охрабри националистите од Шкотска, Велс и Северна Ирска, многу од кои тврдат дека заминувањето на ЕУ треба да предизвика и осмислување на нивната иднина како дел од Обединетото Кралство.

Во реалноста, сепак, велат експертите, децентрализираните администрации речиси немаат правна сила да ја запрат Британија да ја напушти ЕУ.

"Официјално земјите од Обединетото Кралство немаат моќ ефикасно да го отфрлат суверенитетот на Вестминстер", вели Роберт Хазел, професор University College London.

Актите за децентрализација на Шкотска, Велс и Северна Ирска му овозможуваат на Вестминстер да ја одредува надворешната политика. Тоа значи дека поранешниот премиер Дејвид Камерон можеше да го предоговори членството на Велика Британија во ЕУ без претходен договор со Единбург, Кардиф и Белфаст.

Има еден уставен начин на кој децентрализираните администрации можат да го забават Брегзит. Тие можат да изјават дека напуштањето на ЕУ ќе ја промени рамнотежата на моќта меѓу нив и Вестминстер - нешто што по правила не може да биде направено без поддршка и од двете страни.

Политичарите од Вестминстер можат едноставно да го игнорираат тоа, велејќи дека тоа се вонредни околности, но ризикуваат да го предизвикаат гневот на останатите.

Џим Галагер, визитинг професор во Glasgow University, тврди дека ако не друго, децентрализираните администрации можат да го користат пристапот до Вестминстер, за да се осигураат дека ќе добијат власт по прашања решавани од Брисел.

Најзначајна сила на овие администрации сепак - особено во Шкотска и Северна Ирска, каде мнозинството гласаше против Брегзит, е политичка, а не правна.

Меј знае дека ако продолжи со Брегзит без поддршката на гласачите надвор од Англија, таа може да ги зајакне уште повеќе националистичките чувства, најверојатно до таква мера, што распадот на Обединетото Кралство ќе биде неизбежно.

Таа го призна ова по состанокот со Никола Страџен- првиот министер на Шкотска, по која инсистираше дека ќе заземе "пристап на Обединетото Кралство" кон преговорите за Брегзит.

Овој коментар предизвика претпоставки дека шкотската влада добила вето за Брегзит, нешто што Даунинг стрит се обидува да го негира. "Го негирам тоа на позитивен и конструктивен начин, но последниот збор дали да ја напуштиме ЕУ или не веќе беше донесена од британскиот народ", рече портпаролот на владата оваа недела.

Најголемата сила која како Страџен, како и партиите Плеид Камри во Велс и Шин Фејн од Северна Ирска ја имаат, е да одржат референдуми за суверенитет.

Влоговите се највисоки за Северна Ирска. Членството во ЕУ, така и во Европскиот суд за човекови права се во основата на мировниот договор во земјата, а европските фондови во вредност од 1,3 милијарди евра од 1995 година помогнаа за неговата примена. Брегзит ја создава и можноста да се појави физичка граница меѓу Северна и Јужна Ирска заедно со пасош и царински проверки - нешто што може да предизвика гнев и во двете земји.

Шин Фејн веќе повика на референдум за повторно обединување на Ирска по гласови од минатиот месец, но многумина во Вестминстер стравуваат дека ваквата перспектива повторно ќе го разгори секташкото насилство. Џејмс Брокеншаир, новиот министер за Северна Ирска, брзо ја отфрли ваквата можност минатата недела.

Шансата за референдум е највисока во Шкотска, каде 62% од гласачите гласаа за останување. Страџен изјави дека според неа референдум за независност е "исклучително веројатен" по гласањето за Брегзит, како и претпостави дека може да се случи следната година.

Нејзини сојузници тврдат дека, сепак, таа не сака да свика втор референдум, освен ако не е апсолутно сигурна дека ќе победи. А за тоа е потребно да поведе со 60% при гласањето.

Ако Шкотската национална партија сака Шкотска да продолжи да биде дел од ЕУ без друго гласање за независност, може да се обиде да стане член, како дел од земја која не е членка. Овој вид посебен договор постои на други места, на пример за Гренланд, која не е членка на ЕУ, иако е суверен дел од Данска - земја-членка на Унијата.

Сличен модел ќе биде без преседан за толку голема територија колку Шкотска, но почнува да собира поддршка меѓу партиите. Пратеникот на лабуристите Иан Мареј вели: "Почетната точка на владата треба да биде да се задржи Шкотска во ЕУ и во Велика Британија. Ова ќе биде преседан, но во моментов се е преседан - досега ниту една земја членка не излегла од ЕУ ".

Слично

Поврзани вести