Москва тврди дека украински дрон ја погодил нуклеарната централа Запорожје, Медведев упати закани кон Киев и НАТО
Русија ја обвини Украина дека со дрон ја погодила нуклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа, која од 2022 година е под контрола на руските сили. Според руската државна нуклеарна компанија „Росатом“, леталото удрило во објект поврзан со турбинската сала на шестиот енергетски блок, при што била оштетена конструкцијата, но без штета на клучната опрема на централата.
Украинската страна ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како руска пропаганда. Од Киев порачаа дека украинските сили се придржуваат до меѓународното хуманитарно право и дека не извршиле напад врз нуклеарната централа. Засега нема независна потврда кој стои зад инцидентот.
По информациите за ударот реагираше и заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, кој предупреди дека евентуална поголема нуклеарна несреќа во Запорожје би имала катастрофални последици. Тој притоа се закани дека Русија би можела да одговори со напад врз нуклеарни објекти на територија контролирана од Украина или во земји членки на НАТО кои го снабдуваат Киев со оружје.
Меѓународната агенција за атомска енергија, МААЕ, соопшти дека била информирана за удар врз турбински објект во централата и изрази сериозна загриженост. Генералниот директор Рафаел Гроси повторно предупреди дека секој напад врз или од нуклеарен објект претставува сериозен ризик за нуклеарната безбедност.
Централата Запорожје со години е една од најризичните точки во војната во Украина. И Москва и Киев во повеќе наврати меѓусебно се обвинуваа за инциденти во близина на објектот, додека МААЕ постојано повикува на воздржаност и заштита на нуклеарните постројки.
