Москва подготвена: Ќе одговориме на новите санкции на ЕУ
Русија ќе превземе пропорционални мерки како одговор на можни нови санкции на ЕУ, соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесуваат руските медиуми.
„Русија јасно рече во повеќе наврати дека ќе ги преземе одговарачките мерки во согласност со оние кои ги презеде ЕУ“, рекол портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Александар Лукашевиќ.
Во меѓувреме од Кремљ е соопштено дека санкциите би можеле да вклучат ограничување на увозот на половни автомобили, како и одредена потрошувачка роба, но Москва се надева дека на Западот ќе надвладее здравиот разум.
„Санкциите ќе вклучат лимит на увозот на половни автомобили и некои видови на роба од лесната индустрија“, рекол помошникот за економија во Кремљ Андреј Белоусов.
Тој додава дека Москва се надева дека ќе надвладее здрав разум на Западот и дека Русија нема да мора да ги воведува тие мерки.
Европските лидери денеска се договориле да почнат со примена на санкциите против Русија до крајот на седмицата како одговор на руската политика кон Украина.
