Москва му порача на Париз: Вратете ни ги парите, или испорачајте ги „мистрал“ носачите
Русија ќе прифати пари или испорака на два носачи на хеликоптери од класата на „мистрал“ поради решавање на спорот со Франција, изјавил денеска претставник од Крмељ.
Франција ја суспендираше на неодредено време испораката на првиот од двата воени брода поради судирите на истокот од Украина.
„Ни одговараат и двете опции - или бродовите или парите. Парите кои се потрошени мора да бидат надокнадени“, рекол пред новинарите Јуриј Ушаков, советник на Кремљ за надворешна политика.
Францускиот претседтел Франсоа Оланд рекол дека испораката на бродовите на Русија близу е поврзана со примената на мировната спогодба од Минск во Украина. Оланд ова го рекол после посетата на Русија пред два дена каде разговарал за кризата со рускиот претседател Владимир Путин.
„Постепено напредуваме. Ама кога станува збор за Украина, веќе навикнавме да идеме напред, па потоа назад. Затоа сосема можно е наскоро да бидеме разочарани поради она што се случува, како што се случуваше претходно“, рекол Оланд за весникот „Фигаро“.
Путин неодамна изјави дека очекува Франција да ги врати парите кои Русија досега ги платила за бродовите.
