Москва и забрани на „EgyptAir“ да лета до Русија
Руските воздухопловни власти, ги забранија летовите на националниот египетски превозникот „EgyptAir“ до Русија, објавија руски и западни медиуми, повикувајќи се на информации од аеродромот Домодедово во Москва.
Информацијата е потврдена од аеродром Домодедово, каде добиле порака од авиацијата.
„На аеродромот пристигна телеграма за забрана на летовите на авиокомпанија „Egypt Air“ на територијата на Руската Федерација од 14 ноември 2015 година“, наведуваат од аеродромот.
Додале уште дека „Egypt Air“ не резервира билети за директни летови до Москва.
Не се открива што е причината за донесеното решение на Русија.
Претходно беше јасно дека властите во Казахстан ги забранија туристичките летови до Египет поради безбедносни причини.
Пред една недела Русија ги откажа сите летови над Египет.
Активностите се поврзани со авионската несреќа на 31 октомври на Синајскиот Полуостров. „Airbus“ A321 на руската авионска компанија „Когаламавиа“ се урна при лет од Шарм ел Шеик до Санкт Петербург. Сите 224 патници загинаа.
„Исламска држава“ ја презеде одговорноста за инцидентот.
Во меѓувреме египетскиот министер за цивилната авијација Хосам Камал изјавил дека дел од звиците од „црните кутии“ ќе бидат испратени на анализа во странство. Не е јасно во која земја ќе бидат испратени за дополнителна анализа, бидејќи во последните секунди на снимката не може да се утврди бучавата пред авионот да се урне.
„Овој звук ќе биде анализиран со специјална опрема, што ја нема во повеќето држави“, додал министерот. Според него последните седум минути од снимката ќе бидат испратени на една од земјите кои вршат такви испитувања, бидејќи постојат алатки за анализа на овој звук и можност за разјаснување на причините.
Оригиналната снимка нема да биде транспортирана, прецизира Камал.
Според него истрагата се уште не достигнала до заклучок во врска со причината за инцидентот.
