Москва даде коментар за случувањата во Авганистан
Официјална Москва даде коментар за случувањата во Авганистан.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова вели дека светот со ужас го гледа резултатот на уште еден историски експеримент на Вашингтон.
„Изненадувачко, но вистинито: во Авганистан во тек е судир на две сили, од кои и двете се резултат на мисловниот процес на Соединетите Американски Држави“, порача Захарова.
Сите воени и цивилни летови од и кон аеродромот во Кабул се суспендирани, соопшти Пентагон, не прецизирајќи кога ќе продолжат. Американските војници моментално работат на обезбедување на аеродромот, при што денеска беа убиени двајца вооружени мажи.
Вкупно седум лица загинаа денеска во хаотичните сцени на аеродромот во Кабул. Три лица загинаа откако паднаа од авион на кој се качувале додека полетувал. Талибанците синоќа влегоа во главниот град Кабул откако претседателот Ашраф Гани претходно избега од земјата. Непотврдени информации на авганистанскиот амбасадор во Таџикистан, говорат дека претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, отпатувал за Оман.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска го повика Советот за безбедност да ги искористи сите средства што ги има на располагање за да се бори против „глобалната терористичка закана во Авганистан”.
