Москва co црна листа на политичари од ЕУ, на кои им забранува влез во Русија
Москва составила листа на политичари од Европската унија, на кои им се забранува да влегуваат на руска територија, изјави холандскиот премиер Марк Роте.
"Русија им предаде вчера на неколку европски амбасади листа на луѓе кои не можат да влегуваат на руска територија", рече Роте на прес-конференција во Хаг. Тој прецизира дека во списокот фигурираат имињата на двајца холандски пратеници и еден холандски европратеник.
Листата содржи вкупно 80 или 90 имиња и е реакција на санкциите и забраните за влез на европска територија, наметнати на Русија, откако таа го анектира во март 2014 година Кримскиот полуостров и поради нејзината улога во украинската криза, смета Роте.
Претседателот на групата на АЛДЕ во Европскиот парламент Ги Верхофстат е меѓу луѓето кои имаат забрана за влез во Русија, изјави негов портпарол.
Роте ја осуди од името на холандската влада одлуката на Москва, која "не се заснова на меѓународното право и не е транспарентна".
Белгискиот премиер Шарл Мишел и министерот за надворешни работи Дидие Реиндерс ги повикаа руските власти да ја разгледаат оваа забрана, пренесува БТА.
Германската влада ја дефинира како неприфатлива забраната на пратеникот Карл-Георг Велман, претседател на парламентарната подгрупа на германско-украинските прашања во Бундестагот. Велман разбра минатата недела дека има забрана за патување во Русија, кога пристигна во Москва по покана да учествува во политички дискусии. На аеродромот "Шереметјево" не му беше дозволено да излезе од транзитната зона и му беше наредено да се качи на следниот обратен лет за Германија.
