МОСКВА БАРА ОФИЦИЈАЛНО ОБЈАСНУВАЊЕ ОД БЕЛГРАД: Русија е загрижена поради информациите за продажба на српско оружје на Украина
Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, рече дека Москва е „длабоко загрижена“ поради извештаите што ги пренесуваат медиумите во Русија и Србија.
„Ја следиме оваа приказна. Добиените информации предизвикаа нашата најдлабока загриженост. Ова е премногу сериозно прашање, вклучително и од гледна точка на руско-српските односи. За да се реагира сега, потребно е да се потпреме на фактите“, наведе таа во соопштението објавено на веб-страницата на министерството.
Медиумите објавија дека Србија тајно испорачала 3.500 ракети „Град Г-2000“, произведени од Крушик, производител на оружје од српскиот град Ваљево.
Одредени медиуми го пренесуваат текстот на рускиот портал Mash.ru кој објави дека ракети од калибар 122 милиметри од Србија биле префрлени во Турција, а потоа во Словачка, од каде биле префрлени во Украина.
Крушик негираше каква било вмешаност.
И српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ на собраниската расправа демантираше дека Србија извезува оружје во Украина.
„Ако приватни компании купуваат оружје на пазарите на трети земји, а потоа го продаваат на други компании во други земји, тоа не е прашање за Србија. Тоа е меѓународна трговија“, нагласи Вучевиќ.
Хрватскиот дневен весник Телеграм, повикувајќи се на српски извори, објави дека контингентот најмодерни ракети дошол од воените резерви на српската армија, а не од Крушик.
Србија е една од ретките европски земји кои не се приклучија на воведувањето меѓународни санкции против Москва поради нејзината инвазија на Украина, иако министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ за прв пат во јануари навести дека Белград може да го промени курсот доколку е потребно.
