Морси во притвор – Бан Ки-мун бара негово ослободување
Египетскиот државен обвинител денеска му одреди петнаест дневен притвор на отстранетиот претседател Мохамед Морси поради наводни контакти со палестинската исламска организација Хамас.
Наводно Морси бил во контакт со палестинската исламска организација, која му помогнала да избега од затвор во 2011 година.Заедно со него тогаш избегале уште десетина лидери на Муслиманското братство кои биле во затвор за време на протестите против тогашниот претседател Хосни Мубарак.
Египетската војска го држи Морси на тајно место од 3 јули кога го собори од власт.
Но, Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун ја повика египетската армија да го ослободи соборениот претседател Мохамед Морси и други лидери на Муслиманско братство, кои се наоѓаат во затвор.
Бан повика или Морси или неговите сојузници да бидат ослободени, или нивниот случај да биде разгледан на еден транспарентен начин што е можно побрзо. Портпаролот на генералниот секретар на ОН истакна дека тој со загриженост ги следи настаните во Египет.