Мора да се извлечеме од канџите на чичко Сем: Макрон ја повикува Европа
Мора да ја преиспитаме нашата стратешка автономија, рече францускиот претседател
Францускиот претседател Емануел Макрон го повтори својот став дека Европа треба да ја намали зависноста од Соединетите Американски Држави и да развие сопствени одбранбени капацитети, пишува Wall Street Journal.
Макрон нагласи дека формирањето европски одбранбени сили не го гледа како алтернатива на НАТО и дека посилна Европа ќе му овозможи на континентот да биде поавтономен во рамките на Алијансата.
- Мораме да ја преиспитаме нашата стратешка автономија - им рече Макрон на новинарите по враќањето од самитот во Јордан и истакна дека Европа, покрај одбраната, треба да работи и на автономија во областа на технологијата, што вклучува и намалување на зависноста од САД.
Тој изјави дека не треба да зависиме од Алијансата, туку дека треба да соработуваме со воениот сојуз.
- Во НАТО, со НАТО, но да не зависиме од НАТО – рече Макрон.
Францускиот претседател веќе ги налути Украина и одредени сојузници со тоа што го повика Западот да и даде безбедносни гаранции на Русија како дел од идните мировни преговори за ставање крај на војната во Украина, пишува американскиот весник.
По посетата на Вашингтон на крајот на ноември, каде што се сретна со својот американски колега, Макрон за француските медиуми објави дека со Џозеф Бајден разговарал за „безбедносната архитектура во која сакаме да живееме утре“.
– Тоа значи дека една од суштинските точки со кои треба да се справиме, како што секогаш велеше претседателот Путин, е стравот дека НАТО ќе дојде во Русија и ќе распореди оружје што може да ја загрози – додаде тогаш францускиот претседател.
Тој сега го повтори барањето за „безбедносни гаранции“, но истакна и дека тие мора да се однесуваат на Украина и Русија, но и на Азербејџан, Грузија, Молдавија и Ерменија.
– Кога зборувам за гаранции, зборувам за сите тие земји, за нас, но и за Русија – рече Макрон, кој со месеци редовно е на телефон со Владимир Путин, што ги налути лидерите на источна Европа.
-Нека ми објаснат сите Европејци и Западњаци кои ми даваат морални лекции кој ќе седне на преговарачка маса. Што се однесува до мене, не сакам Кинезите и Турците сами да преговараат за иднината – заклучи францускиот претседател.
ФОТО; EPA-EFE/MOHAMMAD AL
