Економија, финансии, бизнис

Контакт

ММФ ја заврши мисијата во Македонија – што открија?

ММФ ја заврши мисијата во Македонија – што открија?
Делегација на Меѓународниот монетарен фонд денеска ја заврши четвртата мисија за постпрограмски мониторинг на Македонија, а својата проценка експертите на Фондот ќе ја финализираат во извештај кој ќе го претстават пред Бордот на ММФ. Во првичните заклучоци се истакнува дека економскиот раст на Македонија е над просекот во регионот и е проектиран да изнесува околу 3,5 проценти во 2014 година и незначително да се зајакне во следната година. Растот е и побалансиран, односно го одразува и зголемениот извоз како и зголемената домашна побарувачка. Домашните инвестиции се поддржани со јавни инфраструктурни проекти, а приватната потрошувачка е исто зголемена заради зголемениот раст на кредитите, растот на вработувањето и зголемените реални плати и пензии. Дефлацијата се очекува да биде привремена, водена од ниските цени на храната и генерално пониските цени во еврозоната, а не на слабата домашна побарувачка. Во овој контекст ММФ смета дека треба да заврши релаксирањето на монетарната политика. Растот на кредитите на населението и компаниите веќе се зголеми, а каматните стапки се намалуваат. И доколку и понатаму се намалуваат каматните стапки, тоа нема да креира дополнителен раст на кредитирањето, советува Фондот.

Оваа меѓународна финансиска институција псепак препорачува мерки за штедење и консолидација на буџетската страна. „Во новата среднорочна фискална стратегија за периодот 2015-2017, се вклучени повисоки таргети на дефицитот отколку оние во претходната стратегија. Ова значи дека стабилизацијата на долгот ќе се случи подоцна и на повисоко ниво.
Имаме три препораки: 1. Ако приходите се остварат подобро од проектираното во буџетот тие треба да се заштедат за подобрување на фискалната рамнотежа наместо да се потрошат. Со поскоро и посилно усогласување ќе се гарантира достигнување на идните таргети на дефицитот и на долгот на властите. 2. Ако потфрлат приходите треба да постои резервен план со којшто ќе се утврди редоследот во приоритетите во намалување на трошоците.
Ова ќе помогне за заштита на фискалниот таргет и за заштита од неодржливи намалувања на расходите, на пример како оние за инвестиции и трансфери 3. Во периодот до воспоставување на планираното фискално правило важно ќе биде јавниот долг да се одржи на прифатливо ниво под планираниот праг од 60 проценти од БДП. Овој праг е всушност плафон, а не таргет, што значи дека во нормални услови политиката треба да биде насочена кон одржување на долгот на прифатливо ниво под тоа ниво“, вели Ивана Влаткова Холар, шефицата на Мисијата на ММФ во Македонија. „Државниот долг е на ниво најниско во Европа и во регионот и ќе остане во таа насока. Со мерките за фискална консолидација ќе одиме со постепено намалување на буџетскиот дефицит во наредниот период, но тоа намалување, како што препорачува и ММФ, треба да се прави постепено, за да не се нарушува растот. Македонија тоа не треба да го прави нагло“, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Монетарците потсетуваат дека за управувањето со јавен долг е потребно континуирана добра соработка помеѓу Министерството за финансии и Централната банка, бидејќи надворешното задолжување на владата влијае врз монетарната политика преку своето влијание врз домашната ликвидност и нивото на девизни резерви. Се препорачува во Стратегијата за управување со јавен долг, да се вклучи поширока дефиниција за долгот на јавниот сектор од сегашната, односно да се вклучат сите задолжувања на преппријатијата во државна сопственост. Експертите на ММФ сугерират и дополнителни активности во одредени области кои би придонеле за зголемување на производствениот потенцијал на економијата, за намалување на невработеноста и за поинклузивен пораст. „Ова значи континуирана посветеност на подобрување на деловното опкружување за домашните приватни компании - преку олеснување на трансфер на знаење од странските директни инвестиции, побрзо донесување на судските одлуки, дисциплина во плаќањето помеѓу субјекти од јавниот и приватниот сектор и преглед на структурата и наплата на таксите“, појасни Влаткова Холар.  
Слично

Поврзани вести