МИСТЕРИОЗНА СМРТ НА ПОРАНЕШЕН МЕНАЏЕР НА РУСКИ ГАСЕН ГИГАНТ И НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО: Го нашле обесен, сопругата и ќерката избодени со нож
Поранешниот
генерален директор на рускиот гасен гигант Новатек, Сергеј Протошењ, неговата
сопруга и ќерка се пронајдени мртви во изнајмена вила во Шпанија, објавија вчера
локалните медиуми. 55-годишниот милионер бил пронајден обесен, додека неговата
сопруга и ќерката биле избодени до смрт во вила во градот Лорет де Мар во
близина на Барселона на 19 април, соопшти шпанската полиција, пренесува Радио
Слободна Европа.
Како што се наведува, полицијата истражува две можни сценарија - дека Протошењ ги убил сопругата и ќерката, а потоа се обесил или дека некој го убил целото семејство, а потоа инсценирал место на злосторство.
Протошењ, поранешен главен сметководител на „Новатек“, порано бил член на управниот одбор на таа енергетска компанија. Неговото богатство се проценува на околу 400 милиони евра. Тој и неговото семејство живееле главно во Франција.
„Новатек“ е најголемиот независен производител на природен гас во Русија, а аналитичарите велат дека неговиот феноменален пораст, од мал играч во раните 2000-ти до компанија од 79 милијарди долари денес, најмногу се должи на врските на компанијата со Кремљ. Генадиј Тимченко, клучен акционер во Новатек, важи за близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин. Нивното пријателство датира од раните 1990-ти.
ФОТО: EPA/YURI KOCHETKOV