Економија, финансии, бизнис

Контакт

МИСЛЕВМЕ ДЕКА ДОАЃА АПОКАЛИПСА, ВАКВО НЕШТО НЕ СМЕ ВИДЕЛЕ - приказни од уништените градови кои никого не оставаат рамнодушен

МИСЛЕВМЕ ДЕКА ДОАЃА АПОКАЛИПСА, ВАКВО НЕШТО НЕ СМЕ ВИДЕЛЕ - приказни од уништените градови кои никого не оставаат рамнодушен

Најмалку 2.300 загинати, многумина заробени под урнатините, апокалиптични сцени од уништените делови на Турција и Сирија и стравот од нови потреси кои ги кинат нервите на жителите, се последиците од катастрофалниот земјотрес што утрово ги погоди овие две земји.

Тулин Акаја, млада Турчинка во Дијарбакир, едвај можеше да се собере откако среде ноќ ја разбуди најголемиот земјотрес што ја погоди Турција во речиси сто години, кога друг силен потрес ја принуди да побара безбедност, повторно на улица.

Околу неа има остатоци од урната зграда во нејзиниот Дијарбекир, град на југоистокот на земјата, дом на милиони бегалци кои избегале од војната и сиромаштијата во соседна Сирија.

Другите градови и места долж турско-сириската граница го доживеаја истото уништување по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди двете земји непосредно пред зори. Надлежните проценуваат дека вкупниот број на загинати е речиси 2.300. Тој број сигурно ќе се зголеми.

Акаја се обидувала да ги собере остатоците од нејзиниот живот по ноќниот шок, кога уште еден силен потрес ја потресе куќата и ја принуди повторно да брза надвор.

„Толку сум исплашена. Го почувствував (афтершокот) толку силно бидејќи живеам на последниот кат“, рекла оваа 30-годишна домаќинка. „Излеговме во паника. Беше речиси исто како утринава земјотресот. Сега не можам да се вратам во станот, не знам што ќе биде понатаму“, расплашено вели Акаја.

Апокалипса

Последователниот потрес, кој се случи околу 11:30 часот по средноевропско време, беше со јачина од 7,5 степени, сила за која научниците велат дека се случува само дваесет пати годишно во светот. Фактот дека два разорни земјотреси погодија оддалечена и во голема мера неразвиена област за толку краток временски период, го нагласува обемот на предизвиците со кои се соочуваат спасувачите во Турција и Сирија.

Официјалните лица изброиле повеќе од 50 последователни потреси во првите 10 часа од првиот. Тие предупредија дека тресењето на земјата ќе продолжи со денови. Нов последователен потрес предизвика уривање на оштетените згради во Дијарбакир и околните градови како Кахраманмарас.

Тоа се случи токму кога преживеаните почнаа да се враќаат во своите станови за да соберат работи што би можеле да им помогнат да ја преживеат студената ноќ што претстои.

Поголемиот дел од регионот остана без гас и струја. Метеоролошката служба најави дожд и лапавица низ југоисточна Турција. „Бидејќи живеам во зона на земјотрес, навикната сум на тресење на земјата“, вели младата репортерка Мелиса Салман од Кахраманмарас.

„Но, ова беше прв пат да доживееме вакво нешто“, изјави оваа 23-годишна жена за AFP. „Мислевме дека е апокалипса“, додава Мелиса.

Дете извлечено живо

На улиците покриени со урнатини, повремено се појавуваат трошка надеж и изрази на радост кога спасувачите ќе најдат живи. Турските телевизии и социјалните мрежи во понеделникот објавија дека едно дете е извлечено живо од под куп големи бетонски остатоци.

Телевизијата НТВ прикажа мало девојче по име Зехра, кое изгледаше малку збунето и го бараше својот татко, како е завиткано во волнено ќебе и ставено во задниот дел на амбулантно возило. Возилото потоа ја возеше низ улица покриена со снег додека толпата се растера во потрага по други преживеани.

Меѓу нив е и 35-годишниот Актемур. Тој беше меѓу првите кои пристигнаа на местото на уривањето на првата голема зграда во неговиот град со мнозинско курдско население.

„Успеавме да спасиме три лица, но двајца беа мртви“, се сеќава Актемур. „По вториот земјотрес не можам да одам никаде. Мислам дека повторно ќе им треба мојата помош“, вели овој млад човек.

Индекс.хр

Фото: ЕПА

Слично

Поврзани вести