Економија, финансии, бизнис

Контакт

Министерот за одбрана на Германија во Киев: Нови заеднички проекти за дронови со Украина

Министерот за одбрана на Германија во Киев: Нови заеднички проекти за дронови со Украина

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска пристигна во Киев во ненајавена посета, со фокус на проширување на соработката меѓу Германија и Украина во одбранбената индустрија.

Посетата, според германската агенција ДПА, однапред не била објавена од безбедносни причини. Писториус на почетокот на разговорите порача дека Берлин и Киев се стратешки партнери и дека соработката отвора простор за нови заеднички проекти во одбранбениот сектор.

Главниот акцент ќе биде ставен на заеднички развој на модерни беспилотни системи од различни категории, особено системи што Украина ги користи како клучен дел од својата одбрана во војната со Русија. Според украинските и германските медиуми, темата е дел од пошироката германско-украинска одбранбена соработка, која во последните месеци добива сè поголемо индустриско значење.

Посетата доаѓа по договорите што Германија и Украина ги потпишаа во април во Берлин, кога украинскиот претседател Володимир Зеленски и германскиот канцелар Фридрих Мерц најавија засилена соработка во производството на дронови и други одбранбени капацитети. Германија е меѓу најголемите европски поддржувачи на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

За Киев, ваквата соработка значи пристап до германско финансирање, технологија и индустриски капацитети. За Берлин, пак, украинското воено искуство со беспилотни системи станува важна основа за развој на европската одбранбена индустрија во услови на зголемени безбедносни ризици на континентот.

Слично

Поврзани вести