МИЛИОНСКИ ТИРАЖ: Во продажба најновиот број на „Шарли Ебдо“
Најновото издание на францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ од денес е пуштен во продажба, а на насловната страна се наоѓа цртеж со пророкот Мухамед кој плаче и држи порака во рацете „И јас сум Шарли“.
Најновото издание е испечатено во три милиони примероци, по само една недела од исламистичкиот напад врз редакцијата на магазинот во Париз, во кој беа убиени десет новинари и двајца полициски службеници, пренесува „BBC“.
Новиот број кој го изработија преживеаните членови на редакцијата достапен е во 25 земји и на 16 јазици, пренесува „AFP“.
Браќата Саид и Шериг Куаши на седми јануари убија 12 лица во напад на редакцијата на „Шарли Ебдо“ меѓу кои и петмината најдобри карикатуристи и други пет члена на редакцијата.
По извршениот напад браќата извикувале: „Го осветивме пророкот Мухамед“.
Весникот „Шарли Ебдо“ во минатото повеќе пати објавуваше сатирични карикатури на пророкот Мухамед, што во некои муслимански земји предизвика голем бес и одржување на протести.
Редакцијата на францускиот магазин поради закани од радикални исламисти од 2006 година беше под полициска заштита.
Преживеаните членови на редакцијата се заколнаа дека ќе ја зачуваат традицијата на магазинот чија сатира е мета на сите религии, политичари, јавни личности и актуелни случувања.
Иако меѓу муслиманите во Франција е раширено мислењето дека овој весник ги стигматизира муслиманите, Арапскиот светски институт во Париз дава потполна поддршка за солидарност во кампањата „Јас сум Шарли“, која беше покрената како симбол на отпор против теророт.
На зградата на Институтот поставен е голем транспарент на кој со црвени букви пишува „Сите сме Шарли“.
Слично
