МИХАИЛ КАВЕЛАШВИЛИ СТАНУВА ПОЛИТИЧАР ПО „РАСКРСТУВАЊЕТО“ СО ФУДБАЛОТ: Кој е новиот грузиски претседател?
Михаил Кавелашвили, новоизбраниот претседател на Грузија, освен како проруски политичар, светската јавност го знае и како поранешен професионален фудбалер кој играл за еден од најдобрите англиски клубови одПпремиерлигата, Манчестер Сити во 90-тите години. Роден е на 22 јули 1971 година во Тбилиси, главниот град на Грузија. Фудбалската кариера му започнала во локалниот тим Динамо Тбилиси, а подоцна играл и за рускиот клуб Спартак Владикавказ, како и за швајцарскиот Грасхоперс. Во Манчестер Сити се истакнал со гол на неговото деби против Манчестер Јунајтед, но поради проблеми со работната дозвола, кариерата во Англија не му траела долго.
Кавелашвили се насочил кон политиката по завршувањето на спортската кариера. Во 2022 година основал сопствена партија „Сила на народот“, која има евроскептичен и антизападен став. Неговата номинација за претседател доаѓа од владејачката партија Грузиски сон, која се залага за нормализација на односите со Русија. Партијата го поддржува неговото ветување да ја зачува независноста на Грузија, а критичарите ја обвинуваат за демократско назадување и блиски врски со Москва.
Кавелашвили, кој е оженет и има деца, се претставува како семеен човек кој ги носи традиционалните вредности на Грузија. Тој тврди дека неговата цел е обединување на нацијата и зачувување на уставот, а наскоро ќе биде избран преку новиот систем со гласање во изборна колегија, наместо директни избори од народот
фото: X