Microsoft инвестирале 3 милијарди долари во облачна инфраструктура во Европа
На Западна Европа ќе се падне 21% од вкупно 205,7 милијарди долари годишни инвестиции во облачни услуги, или 42,5 милијарди долари, што го прави втор регион по Северна Америка по овој индикатор, тврди Gartner.
Microsoft има дадено повеќе од 3 милијарди долари за изградба на облачната инфраструктура во Европа, вклучувајќи 1 милијарда долари кои ги има инвестирано минатата година. Ова се случува во момент во кој главниот извршен директор на компанијата Сатја Надела се фокусира на освојување на повеќе клиенти од конкуренти како Amazon.com и Google, пишува Bloomberg.
Во следната година Microsoft ќе отвори центри за податоци во Франција, како дел од својот нов бран инвестиции, објави Надела во интервјуто од вчера. Компанијата веќе го дуплираше капацитетот на инфраструктурата за да обезбеди услуги базирани на интернет во регионот, вклучувајќи мрежа од центри во повеќе европски земји. Со овој потег таа се усогласува со законите и потребата да ги чува податоците на пазарите, од каде потекнуваат самите корисници.
„Моите очекувања се дека овие инвестиции ќе продолжат“, коментира надела, пред да се упати на четиридневно патување низ Европа, откако ќе запре во Даблин, Берлин, Париз и Лондон.
Под негово водство, Microsoft се обидува да се здобие со нови клиенти на своите облачни услуги и да го стигне својот поголем конкурент Amazon, кој има три пати поголем пазарен удел од Microsoft во вториот квартал, како во Европа, така и во целиот свет, покажуваат податоците на Synergy Research Group.
На Западна Европа ќе се падне 21% од вкупно 205,7 милијарди долари годишни инвестиции во облачни услуги, или 42,5 милијарди долари, што го прави втор регион по Северна Америка по овој индикатор, тврди Gartner. До 2020 година Gartner очекува дека сумата ќе се зголеми до близу 74 милијарди долари.
Во Европа Microsoft има специјални предлози со кои ги исполнува барањата на локалните регулатори за тоа каде треба да се чуваат информациите на локалните жители. Тука влегува и центар во Германија, каде што пристапот до податоците на корисникот се контролира од германска компанија, подружница на Deutsche Telekom.
„Европа претставува голем пазар, кој е доста сложен од гледна точка на барањата - плановите на Microsoft за експанзија го одразуваат тоа“, коментира Ед Андерсон, аналитичар на Gartner.
„Европа е особено комплексна мрежа на регулаторни барања, од кои некои се однесуваат на целата Европска унија, а други се специфични за одделни земји“.
