Ми загинаа внуците, не знаеме каде им се гробовите - вели Турчин кој преживеал три земјотреси и два инфаркта
Турчин Мехмет Зеки Полат преживеал три земјотреси и два срцеви удари.
Полат и неговата жена ја преживеале „катастрофата на векот“. Човекот има 63-години и сега е на лекување во државната болница Ајдин. За турските медиуми рече дека она што се случи не може да се опише со зборови.
„Беше многу тешко. Не зафатија земјотреси минатите години. Му благодарам на Бога што го преживеавме и третиот земјотрес. Во првиот ни се урнаа куќите, во вториот исто така. Тогаш живеевме во контејнери и шатори 3-4 години. Државата ни ги градеше куќите, а ние се преселивме таму. Една година подоцна повторно не зафати и трет земјотрес“, рекол тој.
Раскажа дека доживеал стресови поради земјотресите. Му загинале внуци и други блиски.„Не знаеме каде им се гробовите. Има толку многу луѓе кои загинаа што нема место каде да ги погребаме. Го напуштивме својот дом и дојдовме тука. Имав еден инфаркт кога излегов од авион во Анкара, а уште еден на терминалот кога со автобус дојдов во Кушадаси. Итно ме однесоа на лекар. Од таму во Државната болница Ајдин“, рече тој.
Сега не планираат да се вратат назад во Адијаман. Во разорните земјотреси во Турција и Сирија загинаа над 43.000 луѓе. Месецов во Турција имало 7.000 потреси. Медиумите пренесоа многу тажни приказни за луѓе кои ги преживеале земјотресите, но потоа загинале во пожари.
