Мгеладзе: Путин нема тука да застане, ова е борба за иднината на Европа
Заборавената војна на Путин, со која денес може да се направат многу
паралели е инвазијата на Грузија во август 2008 година. И тогаш Русија нападна
за време на Олимписки игри, даде поддршка за самопрогласените независни руски региони
и се обиде да ја смени прозападната Влада на Грузија. Сепак, грузискиот народ
не заборава што значи руска инвазија.
Деновиве во Тбилиси врие од протести, со незадоволство за млаката реакција на грузиската Влада која е внимателна да не го налути режимот на Путин. За лекциите од војната во Грузија разговараме со Саломе Мгеладзе граѓански активист од Европската демократска младинска мрежа, и доктор на правни науки.
По Грузија, следеше Крим во 2014 година, Донбас во 2015 година и сега целосна инвазија на Украина, со интервенција во Сирија во меѓувреме. Секој регион од поранешниот СССР по избор на Путин може да биде следна мета. Со голема руска база, нерешен конфликт и прозападна влада, сите показатели укажуваат дека Молдавија може да биде следна, порачува Мгеладзе.
Паралелите меѓу Грузија и Украина
„Барањето членство во НАТО е главната причина за напад на Русија и во двата случаи. Грузиската нација ја виде истата приказна во 2008 година. Тогаш Русија даваше пасоши пред инвазијата, спроведуваше ефикасна контрола врз таканаречените сепаратисти, кои во реалноста беа само продолжение на руската Влада, спроведе големи воени вежби во близина на Грузија со војници кои останаа на терен по нивното завршување, целосно лажно тврдеше дека има „геноцид“, и испрати војници во суверена европска соседна земја. Во Грузија исто така на инвазијата и претходеше масовна евакуација на целосното цивилно население на Јужна Осетија во Русија. Нападот исто така се спроведе по поморски, воздушен, копнен и сајбер пат“, смета Мгеладзе.
Различно е тоа што откако Русија ги призна окупираните територија завршија сите напади и воени операции, а сега со признавањето на Луганск и Доњецк всушност започна целосната инвазија.
„Тоа е доказ дека кога е потребно, самото признавање нема никаква допирна точка со самоопределувањето и меѓународното право, и дека Кремљ за инвазија може да има било каков изговор. Првиот впечаток гледано од „учебникот за Грузија“ е дека Путин сака промена на режимот во Украина, исто како што се обиде да ја смени Владата на Грузија во 2008 година. Вториот заклучок е дека ако Путин се извлече, тоа ќе го повтори некогаш и на друго место. Во однос на нашето искуство како нација со руската инвазија, точно знаеме како народот во Украина се чуствува и не спиеме со недели, мислејќи денонеќно за нив и се обидуваме најдобро што можеме да им помогнеме со финансиска и хуманитарна помош, со протести против руската агресија“ посочува нашата соговорничка од Тбилиси.
Руското признавање на Абхазија и Јужна Осетија ја претвори ситуацијата во замрзнат конфликт. Повеќе од 13 години подоцна, речиси 20% од територијата на Грузија сè уште е вон контрола на Тбилиси, а под капата на сепаратистите признаени од Русија и нејзините сојузници.
Зошто „врие“ во Грузија?
Дел од грузиската јавност е незадоволна од досегашните потези на Владата во Тбилиси, очекувајќи поодлучни чекори на осуда на руската инвазија на Украина. Се организираат протести и се упатуваат пораки за солидарност, но владиното раководство е претпазливо.
„Да бидам искренa, Владата на Грузија не ја поддржа Украина соодветно во нејзината борба против руските сили, спротивно на нашиот претседател кој постапува правилно и разумно. Како одговор на несоодветната поддршка, Зеленски го отповика украинскиот амбасадор во Грузија, бидејќи грузиските власти им создадоа „пречки“ на доброволците кои сакаа да и помогнат на Украина и за „задржувањето на неморална позиција во однос на санкциите“ против Русија. Нашата Влада се обидува да не го „иритира“ Путин и е многу внимателна во секој збор што го пренесува за руско-украинската војна“, открива Мгеладзе.
Дали Грузија е разочарана од западните сојузници?
Грузија и по речиси 15 години не стана членка ниту на НАТО, ниту на ЕУ, па така дел од јавноста чуствува разочараност, но и незадоволство од односот на западните сојузници.
„Секако дека членството во НАТО и ЕУ е клучно за нашата иднина како држава и како нација. Членството во НАТО е гаранција за стабилност на регионот со тоа што делува како противтежа на Русија која е многу опасен сосед. Што се однесува до членството во ЕУ, тоа исто така има многу придобивки и ни требаат тие придобивки што е можно поскоро. „Јас сум Грузиец и затоа сум Европеец“, рече Зураб Жванија, поранешен претседател на грузискиот парламент во 1999 година во говорот за пристапување на Грузија во Советот на Европа. Грузија треба да биде достоен дел од Европа“ изјави Мгеладзе.
Сепак, на Грузија и претстои долг пат за евроатланска интеграција, состојба со која може да се идентификува и Македонија која откако влезе во НАТО со големиот компромис со Грција, сега повторно е блокирана од Бугарија и оставена на „бришан простор“.
Крајот на војната во Тбилиси како рецепт за Украина?
Засега тешко е да се предвиди како ќе заврши воениот конфликт. Потсетувајќи се на „првата олимписка војна на Путин“, солидарноста на европските лидери на централниот плошдат на Тбилиси спречи поголема воена окупација и бомбардирање на грузискиот главен град. Претседателите на Естонија, Литванија, Полска и Украина, како и премиерот на Латвија пристигнаа во Тбилиси во 2008 година и се приклучија на манифестацијата против руската инвазија.
„Што се однесува до моменталната ситуација во Украина, тешко ми е да дадам некои точни предвидувања, но сигурна сум дека поддршката на целиот демократски свет, поддршката на меѓународните организации, поддршката на Европа и САД е клучна. Се надевам дека вистината и слободните луѓе ќе победат. Ова е борба за иднината на Европа против заедничкиот непријател“ заклучува Мгаладзе.
Х. С.