Економија, финансии, бизнис

Контакт

Меркел прифаќа разговори со Дејвид Камерон околу реформирањето на ЕУ

Меркел прифаќа разговори со Дејвид Камерон околу реформирањето на ЕУ

Германскиот канцелар Ангела Меркел одговори на барањето на британскиот премиер Дејвид Камерон за „радикални реформи“ на Европската Унија. Реагирајќи на можноста од одржување референдум во Велика Британија за напуштање на ЕУ, што вчера го навести Камерон, канцеларот Меркел изјави дека ќе разговара со британскиот премиер за да се види што тој всушност предлага.

Нејзината изјава е поумерена и се разликува од, главно, негативната реакција на европските лидери на „ултиматумот“ на Лондон до Брисел и заканата дека ако не се прифати британската визија за ЕУ, Велика Британија би можела да ја напушти Унијата.

Најострата реакција дојде од Париз, каде претседателот на Франција, Франсоа Оланд ја отфрли можноста од нови бритамско-европски преговори. Италијанскиот премиер Марио Монти, исто така, не гледа основа за повторно преговарање за британското членство, па тој само изрази надеж дека Британците, на најавениот референдум, нема да се согласат со заминувањето од ЕУ.

Реакцијата на Меркел доаѓа по изјавата на германскиот министер за надворешни работи, Гвидо Вестервеле за можноста Германија да се согласи, некои од веќе дадените овластувања на Брисел, да се вратат во надлежност на земјите-членки, што би значело ревизија на некои од европските спогодби. Вестервеле меѓутоа инсистира дека таа рбота може да помине само со согласност на сите 27 членки.

Најголемиот дел од земјите во ЕУ се согласуваат со постоењето на поцврсто интегрирана Унија, додека Камерон сега заговара пофлексибилна и прагматична ЕУ, фокусирана на трговијата и заедничкиот пазар.

Ангела Меркел и Дејвод Камерон се меѓу учесниците на годинешниов економски форум што се одржува во Давос, во Швајцарија.

Слично

Поврзани вести