Меркел не гледа место за Асад во коалицијата против „Исламска држава“
Создавањето на меѓународната алијанса против терористичката група „Исламска држава“ не предвидува учество на сирискиот претседател Башар Асад и неговата војска. Тоа го изјавила германската канцеларка Ангела Меркел во интервју за весникот „Augsburger Allgemeine“.
„Меѓународниот сојуз против „ИД“ не го вклучува Асад и неговата војска. Да не заборавиме дека повеќето бегалци, кои дојдоа кај нас, бегаат од Асад“, изјавила канцеларката.
„Како и тоа дека тој фрла бомби врз сопствениот народ - за него не може да има иднина на чело на државата“, додала Меркел.
Но додава дека за политичко решение на конфликтот, преговори треба да се водат со сите групи во Сирија.
Во исто време Меркел се изјаснила против ограничување на бројот на бегалци, кои може да ги прифати Германија, вели таа во интервју за весникот „Badische Neueste Nachrichten“.
„Ставањето на горна граница е еднострано и статичко решение, што би отежнало сè што би сакале да постигнеме. Ако зборуваме отворено - за мене тоа е прашање на чесност и доверба“, изјавила Меркел, цитирана од агенциите.
„Ако јас како канцелар ја дефинирам денес границата и не успеам да ја одржам оваа граница утре, бидејќи ќе дојдат повеќе бегалци, тогаш јас нема да го спроведам своето ветување и проблемот наскоро ќе биде поголем отколку помал“, забележува таа.
Истовремено Меркел прогласи воведување на квоти за иселениците во ЕУ. „Квотите се заеднички европски аранжман, а не некакво си еднострано решение на Германија да се стави ограничување на бегалците“, нагласува таа.
Меркел уверува дека работи за намалувањето на протокот на мигранти.
„Но да се верува дека можеме да го решиме проблемот на германско-австриската граница, е илузија“, забележува канцеларката.
Оваа година во Германија пристигнале околу еден милион бегалци.
