Економија, финансии, бизнис

Контакт

МЕРКЕЛ: Би можеле да бидеме сведоци на распад на ЕУ

МЕРКЕЛ: Би можеле да бидеме сведоци на распад на ЕУ

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека заострувањето на миграциските и граничните политики на национално ниво можат сериозно да го загрозат опстанокот на Европската Унија(ЕУ), коментирајќи ги најновите потези на Берлин за ограничување на протокот на баратели на азил.

Меркел ова мислење го кажа минатата недела на настанот „Саутвест прес форум“ во германскиот град Ној-Улм, каде што ги промовираше своите мемоари „Слобода“.

„Не верувам дека можеме решително да се бориме против нелегалната миграција на германско-австриската или германско-полската граница… Отсекогаш сум била за европски решенија“, рече Меркел, коментирајќи ги мерките што неодамна ги усвои кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц.

Новите мерки, кои ги презентираше министерот за внатрешни работи Александар Добриндт на почетокот на мај, забрануваат поднесување барања за азил на сите копнени граници на Германија.

Ова е ненадеен пресврт во однос на политиката на отворена политика од 2015 година, која во тоа време ја спроведе Меркел.

Исклучоци се прават само за деца, бремени жени и други ранливи категории.

„Доколку оваа практика продолжи, би можеле да бидеме сведоци на распад на Европа“, предупреди поранешната канцеларка.

Меркел оцени дека таквата одлука ја доведува во прашање слободата на движење во рамките на ЕУ и стабилноста на Шенген зоната, која овозможува безвизно патување во повеќето земји-членки.

Мерц изјави дека целта е заедничко решавање на проблемот, но дека Германија не може да ги носи последиците сама. Тој посочи дека бројот на влезени баратели на азил веќе се намалил.

Тој вети дека новите мерки ќе им овозможат на градовите и општините да се стабилизираат, а Германија повторно да биде „отворена, толерантна и пријателска земја кон странците“.

foto EPA-EFE/HANNIBAL HANSCHKE

Слично

Поврзани вести