Мелони доби критики од нејзин претходник откако наседна на руските пранкери
Поранешниот италијански премиер Џузепе Конте се осврна на случајот со актуелната премиерка Џорџија Мелони, која стана „жртва“ на шега на двајцата руски комичари Вован и Лексус.
Имено, двајца руски комичари, од кои едниот се претставил како африкански политичар, контактирале со премиерката и разговарале за геополитичката ситуација. Меѓу другото, Мелони рече дека сите се уморни од конфликтот во Украина.
„Има голем замор од сите страни во конфликтот и се ближи моментот кога сите ќе сфатат дека ни треба излез. Проблемот е да се најде излез кој е прифатлив за двете страни без да се прекрши меѓународното право. Имам некои идеи за тоа како да се справам со оваа ситуација, но го чекам вистинското време да ги ставам на маса“, рече Мелони.
Не знаејќи дека разговара со комичари, Мелони рече дека сите се уморни од војната во Украина. Нејзиниот гаф го коментираше и Конте и рече дека и е направена голема штета на Италија.
„Премиерката Мелони мислеше дека разговара со африкански официјални лица и разговараше со двајца руски комичари на кои им ги објасни позициите на нашата земја за многу деликатни документи за нашата безбедност и кредибилитет, од војна до миграција“, рече Конте.
Тој нагласи како Мелони во тој разговор открила работи кои никогаш не им ги кажала на Италијанците.
„Таа продолжува да испраќа оружје во Украина и ја продолжува воената ескалација, но покажува дека е свесна дека мора да најдеме излез преку преговори, кои ќе ги заштитат интересите на двете страни. Таквиот кукавичлук го плаќа Италија, Европејците, но пред се жртвите на оваа војна“, рече тој.
На крајот, нејзиниот разговор со комичарите Конте го опиша како голема измама за Италијанците и дека „Италија е сериозно оштетена“.
